Загреб стана првиот град во Европа во кој функционира услуга за роботакси, објави француската новинска агенција Agence France-Presse (AFP), во репортажа посветена на хрватската компанија Verne. Компанијата, основана од Мате Римац, Марко Пејковиќ и Адријано Мудри, од 8 април тестира автоматизирани возила низ улиците на Загреб во партнерство со Uber и кинеската компанија Pony.ai.
Во моментов, десет роботакси возила се достапни за ограничен број корисници, а услугата ја користат околу 300 луѓе. Иако системот е замислен како целосно автономен, во почетната фаза во секое возило има присутен оператор кој интервенира доколку е потребно.
Новинарите на AFP кои ја тестирале услугата наведуваат дека возењето поминало речиси без проблеми, освен едно ненадејно кочење поради автомобил кој влегол во погрешна лента.
Од компанијата велат дека досега нема пријавени сообраќајни незгоди, иако возилата веќе поминале десетици илјади километри низ градскиот сообраќај. Роботаксите моментално сообраќаат во центарот на Загреб, делови од Нов Загреб и околината на аеродромот, а компанијата најавува постепено проширување на зоните на движење.
Цената на услугата засега изнесува 1,99 евра по возење, а според Verne, на листата за чекање веќе има околу 4.000 заинтересирани корисници.
Компанијата наведува дека веќе разговара со 11 градови во Европската Унија, Велика Британија и Блискиот Исток за можна имплементација на услугата, додека целта е до крајот на годината во Загреб да се премине на целосно автономно управување, доколку се добијат сите регулаторни одобренија.