Малезија го продолжи договорот со компанијата Ocean Infinity за продолжување на потрагата по остатоците од авионот на Malaysia Airlines на летот MH370, кој исчезна пред 12 години.
Потрагата во јужниот дел на Индискиот Океан ќе продолжи најмалку до 30 јуни следната година.
Малезиската влада во петокот одобри едногодишно продолжување на договорот со Ocean Infinity според моделот „нема пронаоѓање, нема надомест“, соопшти министерот за транспорт Ентони Лок.
„Оваа одлука ја покажува континуираната и непоколеблива посветеност на владата да им обезбеди одговори и разрешница на семејствата на патниците од летот MH370“, рече Лок.
Ќе се пребаруваат уште 7.428 квадратни километри
Продолжувањето на договорот ќе ѝ овозможи на компанијата да ја доврши потрагата во преостанатите 7.428 квадратни километри од зоната за пребарување.
Дел од пловилата на Ocean Infinity претходно биле привремено пренасочени на други комерцијални задачи.
Бродовите на компанијата повторно ќе бидат распоредени во мисијата меѓу ноември и април следната година, кога помирното море обезбедува најдобри услови за подводна потрага.
Авионот исчезна во 2014 година
Авионот Boeing 777 исчезна од радарите кратко по полетувањето од Куала Лумпур на 8 март 2014 година.
На летот кон Пекинг имало 239 луѓе, главно кинески државјани.
Сателитските податоци покажаа дека авионот скршнал од планираната рута и се упатил кон јужниот дел на Индискиот Океан, каде што се верува дека се урнал.
Делови од авионот подоцна испливаа на брегови во Индискиот Океан
Обемната меѓународна потрага не успеа да ги пронајде главните остатоци од авионот, иако делови од леталото подоцна испливаа на бреговите на источна Африка и на острови во Индискиот Океан.
Ниту приватната потрага што Ocean Infinity ја спроведе во 2018 година не даде резултати.
Малезија минатата година одобри нова потрага на површина од 15.000 квадратни километри во јужниот дел на Индискиот Океан.
Компанијата Ocean Infinity, која има седишта во САД и Велика Британија, ќе добие 70 милиони долари само доколку ги пронајде остатоците од авионот.