Search

Метеор да нѐ удри

Конечно добри вести за нас Македонците! Еден наш реномиран дневен весник пренесува: “Земете ги вашите календари бидејќи научниците го открија датумот кога се предвидува дека астероид ќе удри во Земјата и тоа со сила на 22 атомски бомби. Астероидот наречен Бену, поминува покрај Земјата на секои шест години, но астрономите предвидуваат дека еден ден во септември – за многу години – може да се „воспостави контакт“.

АЈ ЗА МНОГУ ГОДИНИ НЕКА НИ Е браќа и сестри, дами и господа, или како веќе се чувствувате деновиве. Календарите во рака и чекајте.

Ова е далеку најдобрата вест која нашите медиуми во континуитет (со мали паузи за дишење) ја сервираат на гладните за мрак и отворено самоубиствени читатели и гласачи, редум сите чисти Македонци. Нашите луѓе едноставно сакаат да слушаат за метеорот. Сакаат да слушаат, но и да фрлаат метеорски клетви буквално на сѐ што мрда. Крвава клетва за сите редум: политичари, странци, комшии и роднини, а за кучињата се разбира отров. Уста полна омраза за градот и државата во секое време. Јадење и пиење до посерување, самопонижување до бесвест.

А септември е. Најдобриот пријател на чистите Македонци – метеорот, може да удри во секој миг. Мал е бројот, па сепак сèу ште постојат, луѓе кои сакаат да живеат и уживаат. Нечисти Македонци се тоа. Се палат на култура и добри нешта. Квалитетни настани. Во морето експертски заклучоци колку ништо не чини, нема и не се случува во градот и земјата, бидејќи порано нели беше подобро, одвојувам и предлагам неколку настани викендов, како последна шанса за провод пред да не потепа метеорот.

Како мелем на мојата игнорантност дојде деветтото по ред издание на фестивалот за етнографски филм “ЕТНОФФ“. Сте гледале етнографски филмови? Крајно време е. Петок и сабота, со почеток во 19 часот во просториите на Кинотека на Македонија. Етнографски филмови од Португалија, Белгија, Унгарија, Холандија, Бугарија, Азербејџан, САД, Словенија и Македонија. Предавања, дискусии, изложби. “ЕТНОФФ“ е плод на ентузијазам, љубов и долгогодишен труд на пар поединци, за уникатно задоволување на суптилните потреби на образованото малцинство. Што повеќе би можеле да посакате пред смрт? Ах, да, влезот е слободен.

Здраво Млади. За сите оние кои некако успеале, или сакаат да останат здрави, во сабота на 23 септември, следи тринаесеттото издание на фестивалот за нова музика. Пет музички подиуми, со прекрасен избор на артисти, впрочем како и секогаш. Екипата МКЦ храбро и самоуверено гледа директно во очите на смртта која доаѓа одозгора. Метеорот се приближува, додека во скопската вечер на уфце ни везат The Mauscovic Dance Band, PVA, Vojko V, My Tear и уште еден куп имиња кои потврдуваат дека навистина “нема кај да се иде у градов“. Не идИте. Седете дома фрлајте клетви по здравите. И младите.

Андреја Салпе е најталентираниот и во моментов најквалитетниот млад композитор на електронска музика во Македонија. Во последно време е во неверојатна продуцентска форма, а неговото ново, фантастично издание “Метрололи“, ќе биде промовирано во петок на полноќ, во свежо отворениот и реновиран скопски клуб Епицентар. Но, кому му е потребна автентична македонска современа музичка култура? Седете си дома.

Не, навистина седете дома и пишувајте комични досетки за Скопје 2028 – Европска престолнина на културата. Покажете колку е силно оружје омразата, која преку вашиот осамен дигитален екран ја вмрежувате со илјадници осамени топли души на чисти Македонци, кои со пцости и клевети ќеукрасат уште еден викенд – последниот викенд пред метеорот да не утепа.

Но да се вратиме на метеорот. Реномираниот скопски и македонски дневен весник од сигурни извори јавува: “Бену е широк приближно 530 метри, што го прави двојно помал од астероидот за кој се смета дека ги убил диносаурусите. Доколку Бену се забие во Земјата, тоа ќе предизвика разорување на сè во радиус од најмалку 965 километри од местото на ударот, но тоа не е доволно големо за да предизвика потполно изумирање во целиот светот.“

Штета, не? Се што ви преостанува драги мои Македонци, браќа мили и комшии, е да седите дома во кротка молитва, метеорот да удри доволно блиску.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни