Технолошкиот гигант Мета во изминатите десет месеци одобрил стотици платени огласи што содржеле материјали со сексуална злоупотреба на деца генерирани со вештачка интелигенција, покажува новиот извештај на американската организација Проект за технолошка транспарентност (ТТП). Истражувањето што го пренесе Би-би-си открива дека голем дел од овие промотивни содржини се прикажувале на корисници во Индија, и покрај претходните владини наредби и состаноци за итно отстранување на ваквите содржини.
Организацијата ТТП со седиште во Вашингтон детектирала вкупно 332 огласи со недозволени материјали на платформите Фејсбук и Инстаграм. Најголемиот дел од нив, односно 274 огласи, биле активни во текот на август.
Активистите предупредуваат на особено опасен тренд. Во дел од рекламите се користеле вистински фотографии од деца, вклучително и член на европско кралско семејство, врз кои дополнително биле направени дигитални манипулации со алатки за вештачка интелигенција. Според извештајот, повеќе од десет вакви огласи продолжиле да се емитуваат на мрежите дури и откако организацијата испратила директно предупредување до раководството на Мета.
Индискиот пазар се издвојува како најкритична точка во овој системски пропуст. Приближно една четвртина, или 84 од спорните огласи, се прикажувале токму пред корисниците во оваа земја.
Податоците покажуваат дека дури 78 реклами биле објавени откако индиските власти веќе ѝ врачија официјален налог на компанијата за бришење на содржините со сексуална злоупотреба на деца. Законодавството во Индија го третира дистрибуирањето на вакви материјали како тешко кривично дело, а спорните содржини продолжиле да циркулираат веднаш по завршувањето на состаноците на владините претставници со претставниците на Мета.