Меси испиша нова историја на СП 2026: Собори уште еден рекорд и го предводи патот на Аргентина кон финалето

Лионел Меси постави нов рекорд на Светското првенство, стана најстариот фудбалер што играл полуфинале и продолжи да испишува историја со Аргентина.
epa13057002 Lionel Messi of Argentina reacts after missing to convert a penalty during the FIFA World Cup 2026 group stage match Argentina against Austria, in Dallas, USA, 22 June 2026. EPA/JEFFREY MCWHORTER

Лајонел Меси продолжува да испишува историја на Светските првенства. Капитенот на Аргентина во полуфиналето против Англија стана најстариот играч во поле што настапил во оваа фаза на Мундијалот, на возраст од 39 години и 21 ден.

Новиот историски подвиг го оствари во спектакуларното полуфинале одиграно во Атланта, во кое Аргентина со пресврт ја совлада Англија со 2:1 и обезбеди финале против Шпанија.

Низата рекорди продолжува

Меси и на ова Светско првенство покажува дека годините не се пречка. До полуфиналето постигна осум гола и две асистенции, со што останува меѓу главните кандидати за Златната копачка. Неговиот фантастичен турнир започна со хет-трик против Алжир во неговиот 200. настап за аргентинската репрезентација. Тогаш, на возраст од 38 години и 357 дена, стана најстариот фудбалер кој постигнал хет-трик на Светско првенство.

Потоа двапати погоди против Австрија, беше стрелец против Јордан, а голови постигна и во нокаут-фазата против Зеленортските Острови и Египет.

Го престигна Клосе

Со головите против Австрија, Меси го престигна легендарниот Mирослав Клосе и стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства. Пред полуфиналето против Англија имаше 21 гол на мундијалите, а воедно е и рекордер според бројот на настапи на Светските првенства.

Низата од девет последователни натпревари со постигнат гол на Светските првенства му беше прекината во четвртфиналето против Швајцарија, но и тогаш имаше директен придонес. Од корнер асистираше за голот на Алистер и стигна до десет асистенции на Светските првенства.

Откако асистенциите официјално се водат во статистиката од 1966 година, ниту еден фудбалер нема повеќе.

Незапирлив и во нокаут-фазата

Аргентинецот е и играчот со најмногу директни учества во голови во нокаут-фазата на Светските првенства во последните шест децении. Во последните осум елиминациски натпревари пред полуфиналето учествувал во 13 погодоци – седум постигнал, а шест им наместил на своите соиграчи.

Аргентина ја брани светската титула освоена во Катар во 2022 година, а и четири години подоцна Меси е нејзиниот главен лидер. Во својата 40. година од животот, тој ја предводи репрезентацијата кон можната втора последователна светска титула, притоа рушејќи рекорди за кои до неодамна се сметаше дека ќе останат недостижни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс