Вечерва од 21:00 часот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси ќе се одигра големото финале на Светското првенство 2026, во кое силите ќе ги одмерат Аргентина и Шпанија. Ова е првпат во историјата во финалето на Мундијал да се сретнат актуелниот светски шампион и актуелниот европски шампион. Аргентина ја брани титулата освоена пред четири години, додека Шпанија ќе се обиде да ја освои својата втора светска круна.
Во центарот на вниманието ќе биде дуелот меѓу легендарниот Лионел Меси, кој можеби го игра својот последен натпревар на светските првенства, и ѕвездата во подем Ламин Јамал, кој блескаше во текот на целиот турнир.
Очекувани состави
Шпанија:
Симон – Поро, Кубарси, Лапорт, Кукуреља – Родри, Руиз – Јамал, Олмо, Баена – Ојарзабал.
Аргентина:
Емилијано Мартинез – Молина, Ромеро, Лисандро Мартинез, Таљафико – Де Паул, Паредес, Мек Алистер, Енцо Фернандез – Меси, Хулијан Алварез.
Патот до финалето
Шпанија одигра импресивен турнир. Групната фаза ја заврши без пораз, а потоа ги елиминираше Австрија, Португалија, Белгија и Франција, притоа примајќи само еден гол во нокаут-фазата. Аргентина беше максимална во групата, а во елиминациите помина низ далеку потежок пат. „Гаучосите“ по продолженија ги совладаа Зеленортските Острови и Швајцарија, направија пресврт против Египет, а во полуфиналето ја елиминираа Англија.
ФИФА најави дека шоуто на полувремето ќе трае најмногу 17 минути. Настапи ќе имаат Мадона, Шакира, BTS, Џастин Бибер, Coldplay и уште неколку светски музички ѕвезди. Главен судија на натпреварот ќе биде Словенецот Славко Винчиќ, со свој судиски тим од Словенија, додека за ВАР ќе биде задолжен Германецот Бастијан Данкерт.