Европската Унија подготвува нов пристап кон проширувањето што би им овозможил на земјите од Западен Балкан постепено да се интегрираат во единствениот европски пазар уште пред да станат полноправни членки на Унијата. Ова го најави германскиот канцелар Фридрих Мерц по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, оценувајќи дека процесот на проширување досега бил премногу бавен и дека се потребни нови механизми за охрабрување на реформите во земјите кандидати.
Мерц соопшти дека иницијативата, која ја предложил заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, добила широка поддршка од европските лидери. Според него, постепеното отворање на делови од европскиот пазар за земјите кандидати би донело конкретни придобивки уште пред формалното членство.
„Внесуваме нов импулс во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан – на пример, преку нивна постепена интеграција во единствениот пазар пред пристапувањето. Денес е добар ден за Европа“, напиша Мерц на социјалната мрежа Икс.
Тој порача дека Европската Унија останува посветена на идното членство на земјите од регионот.
„Јасната порака од денес е и ќе остане: ве сакаме“, изјави германскиот канцелар.
На самитот во Тиват една од главните теми беше иднината на политиката на проширување. Во пресрет на средбата, Германија и Франција подготвија заеднички нон-пејпер „Нов моментум за проширувањето“, посветен на Западен Балкан и Молдавија. Во документот се наведува дека новиот модел не треба да го замени полноправното членство, туку да создаде дополнителни поттикнувања и конкретни придобивки за кандидатите додека ги спроведуваат потребните реформи.
Иако засега не се соопштени конкретни рокови за реализација на иницијативата, пораката од Тиват е дека Брисел сака да ја продлабочи интеграцијата со земјите од Западен Балкан и да го забрза нивниот европски пат.