Мерц: Германија се подготвува за сериозни руски хибридни напади

Германскиот канцелар предупреди на можни нови сајбернапади и дронови и порача дека Берлин ќе продолжи да ја поддржува Украина и во пресрет на зимата.

Германија се подготвува за нови руски хибридни напади, вклучително и за „многу сериозни“, предупреди германскиот канцелар Фридрих Мерц. „Се подготвуваме за понатамошни хибридни напади, вклучително и сериозни“, изјави Мерц во Минстер, каде што на НАТО му беше доделена Меѓународната Вестфалска награда за мир.

Германските власти веќе подолг период ја обвинуваат Русија за хибридна кампања која, според нив, вклучува дронови, сајбернапади и саботажи. Берлин претходно ја обвини Москва и за обид за напад со дрон врз аеродромот во Лајпциг во август. Русија ги отфрла ваквите обвинувања.

„Мора да бидеме подготвени“

И генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој денеска беше во Минстер заедно со Мерц, предупреди дека Русија ја тестира Европа преку нарушувања на воздушниот простор, саботажи и други хибридни активности. Руте оцени дека нема непосредна опасност од воен напад врз НАТО, но порача дека сојузниците мора да бидат подготвени руската кампања на непријателски активности да продолжи.

Мерц, пак, ја поврза безбедносната состојба со продолжувањето на војната во Украина и најави дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Киев, особено во пресрет на зимата за која предупреди дека би можела да биде најтешка од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Берлин сака стабилни односи со Москва – но не сега

Мерц истакна дека Германија во иднина сака повторно да воспостави „стабилни и предвидливи односи со Русија“, но оцени дека за тоа сè уште нема услови. Според него, Москва засега не покажува подготвеност да ја заврши војната во Украина.

„Не сакаме да го понижиме рускиот народ ниту да ја дестабилизираме руската држава. Но Русија мора да ја прекине војната и да се воздржи од хибридни напади врз Европа“, порача германскиот канцелар. Германија во изминатиот период значително ги зголеми инвестициите во одбраната и модернизацијата на вооружените сили. Мерц денеска ја нагласи и посебната улога на Германија во европската безбедност.

„Ние не сме посредници; ние сме на страната на слободата и затоа сме на страната на Украина“, изјави тој.

Во исто време, германската влада се соочува со домашен политички притисок околу политиката кон Украина. Деснопопулистичката Алтернатива за Германија (AfD) се спротивставува на милијардите евра помош за Киев и повикува на подобрување на односите со Москва.

Мерц порача дека Германија и нејзините сојузници не смеат да дозволат хибридните напади, кампањите на социјалните мрежи и внатрешните политички поделби да ја нарушат поддршката за Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс