По повод 30-годишнината од трагичната смрт на принцезата Дајана, нејзиниот помлад брат Чарлс Спенсер најави објавување на сопствени мемоари посветени на нивниот заеднички живот. Книгата насловена „Swan Song: Diana, My Sister“ треба да излезе во Велика Британија на 22 септември, со цел јавноста да добие директен увид во нејзината личност од позиција на човекот кој најблиску ја познавал.
Чарлс Спенсер со години одбиваше пошироко медиумско експонирање поврзано со семејната трагедија. Сепак, наближувањето на триесеттата годишнина од сообраќајната несреќа во Париз на 31 август 1997 година донело нов бран новинарски барања, што било директен повод да ги запише сопствените спомени.
„Тоа ме убеди еднаш засекогаш да ги запишам сопствените сеќавања и размислувања, наместо повторно да читам туѓи мислења, од кои многу се засновани на невистини што со текот на времето станаа општоприфатени“, изјави Спенсер.
Тој објаснува дека намерата му е да зборува во име на Дајана на искрен и позитивен начин, повторувајќи го мотивот што го имаше за време на неговиот говор на нејзиниот погреб во септември 1997 година.
Изданието ќе го опфати детството на Дајана, нивниот братско-сестрински однос, деновите непосредно пред несреќата, но и тешкиот период за семејството што уследи потоа.
Посебен фокус на авторот се помладите генерации кои немаат директно сеќавање на периодот кога Дајана беше глобална фигура.
„Се надевам дека книгата ќе ги заинтересира сите што и денес го чуваат споменот на Дајана. Особено би сакал оние што се премлади за да ја памтат, по читањето да сфатат која навистина беше таа: единствена, силна личност, полна со љубов, харизма, но и несигурности, која го живееше животот со полни гради“, наведува Спенсер во најавата за делото.