Мелони лута на Зеленски по нападот во Либија

Според италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, премиерката била револтирана што Киев не ги известил сојузниците за операцијата кај Бенгази. Зеленски подоцна потврдил дека нападот бил изведен без претходна координација со европските партнери

Телефонскиот разговор меѓу италијанската премиерка Џорџа Мелони и украинскиот претседател Володимир Зеленски бил проследен со несогласувања околу украинскиот напад врз руски бродови во Либија. Рим бил загрижен дека операцијата може да ја прошири војната кон Медитеранот и да ги загрози италијанските интереси во регионот.

Според италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Мелони била особено лута затоа што Киев не ги известил сојузниците за планираната операција. Весникот наведува дека на почетокот на разговорот таа му рекла на Зеленски: „Стварно ми е доста од ова“.

Украинската операција со поморски дронови против руски бродови во источна Либија предизвикала загриженост во Рим поради можните последици за италијанските интереси во Медитеранот. Меѓу ризиците што ги наведува „Кориере дела Сера“ се можноста миграцијата да се искористи како средство за притисок и евентуални одмазднички дејства против италијанските компании што работат во регионот.

Што се случи кај Бенгази?

На 23 ноември Зеленски потврди дека украинските поморски дронови ја потопиле руската корвета „Меркури“ во пристаништето Бенгази. Тој соопшти и дека бил погоден товарниот брод „МВ Ангара“, за кој Киев тврди дека Русија го користела за транспорт на оружје.

Во нападот, според украинското соопштение, биле употребени седум поморски дронови. Зеленски тврдеше дека заедно со корветата бил уништен и хеликоптерот Ка-27 што се наоѓал на бродот. Снимките од нападот што ги објави украинската страна ги проверил и „Ројтерс“.

Италија тврди дека не била известена

По нападот, Зеленски изјавил дека Украина ги координира ваквите операции со државите во чии води дејствува. Италијанските министри за надворешни работи и одбрана, меѓутоа, јавно демантираа дека Рим бил известен или дека имало координација со европските сојузници.

На 27 ноември, по разговорот со Мелони, Зеленски потврди дека операцијата во Либија била спроведена без претходна координација со европските партнери. Тој најави дека двете страни ќе работат на подобра размена на информации и редовна комуникација.


Во официјалното соопштение од кабинетот на Мелони се наведува дека таа изразила загриженост поради операцијата, оценувајќи дека таа го нарушила суверенитетот на Либија и носи ризик од проширување на конфликтот кон Медитеранот. Истовремено, таа ја повторила поддршката на Италија за Украина, но нагласила дека таа поддршка не значи прифаќање потези што можат да ја загрозат безбедноста на Италија и регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс