Италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателот Серџо Матарела ја посетија Модена, еден ден по нападот во кој 31-годишен маж со автомобил влетал во пешаци во центарот на градот и повредил осум лица, од кои четворица потешко. Според Reuters, осомничениот е Салим Ел Кудри, италијански државјанин со мароканско потекло.
Инцидентот се случил во саботата во преполниот центар на Модена. Обвинителите соопштија дека мажот ги удрил пешаците „неселективно, случајно и намерно“, по што се обидел да избега. При бегството, според извештаите, нападнал со нож еден од минувачите кои се обиделе да го сопрат, а потоа бил уапсен од полицијата.
Осомничениот е под истрага за обид за масакр и нанесување телесни повреди. Меѓу најтешко повредените, две лица ги загубиле нозете, а едно лице е во животно-загрозувачка состојба. Италијанските власти сè уште го утврдуваат мотивот за нападот.
Мелони ја откажа планираната средба во Никозија со претседателот на Кипар за да отпатува во Модена, а заедно со Матарела ги посети повредените во болница. Италијанските медиуми објавија дека претседателот им се заблагодарил и на граѓаните кои помогнале во совладувањето на осомничениот.
Градоначалникот на Модена, Масимо Мецети, изјави дека двајца граѓани од египетско потекло биле меѓу оние кои се обиделе да го запрат осомничениот. Тој за RaiNews24 рекол и дека Ел Кудри во минатото бил евидентиран во службите за ментално здравје, но обвинителството засега не ги потврдува сите детали за неговата состојба.