Стрип авторки од регионот ќе творат во куќата на Касапови во Велес

Меѓународната колонија во Спомен-куќата на Касапови ќе биде домаќин на уметнички од пет балкански земји.

Во Велес од 20 до 23 август 2026 година ќе се одржи осмата Меѓународна стрип колонија, на која годинава ќе творат исклучиво авторки. Меѓународната стрип колонија „Велес 2026“, во организација на Стрип центарот на Македонија, ќе ги собере уметничките во староградскиот амбиент на Спомен-куќата на Касапови. Настанот доаѓа по рекорден интерес на конкурсот „Златен стрип“, каде што пристигнаа 497 пријави од целиот свет.

Годинешното издание носи концепт фокусиран на женското творештво во деветтата уметност. На колонијата ќе учествуваат 14 уметнички од Македонија, Романија, Бугарија, Србија и Хрватска.

Меѓу учесничките се Силвиа Борбељ, Андрада Ваеш и Ирис Голгочиу од Романија, Ана Цочева и Велислава Стојанова Георгиева од Бугарија, Драгана Купрешанин од Србија, Маја Перак од Хрватска, како и домашните авторки Меланија Стојанова, Сибел Исмаилова, Елена Апостоловска, Ања Стојадиновска, Славица Купенкова, Ана Ивева и Стефанија Атанасова.

Работниот дел ќе се одвива под менторство на професорот Владимир Весовиќ од Белград.

Според организаторите, целта на ваквите средби е да се отвори домашната сцена кон меѓународната заедница, но и да се искористи стрипот за развој на културниот туризам во градот.

Томе Трајков од организацискиот тим објаснува дека Велес нуди содржини за љубителите на оваа уметност во текот на целата година. Градот располага со стрип библиотека со околу 10.000 наслови, меѓу кои и ретки изданија, а на улиците има нацртано повеќе специфични мурали.

Манифестацијата се реализира со поддршка од Министерството за култура и Општина Велес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс