ЈУ. Детски културен центар „Карпош“ и оваа година од 18 до 21 септември 2026 година ќе го организира Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, фестивал кој со децении го негува орото , песната, музиката и традицијата, поврзувајќи ги децата и младите од различни земји преку универзалниот јазик на фолклорот.
Ова јубилејно издание на фестивалот „Оро без граници“ ќе се одржи на две локации во Градски парк на Школка на 19 септември 2026 година со почеток од 19:00 часот и на 20 септември со почеток во 12:00 на платото пред Скопје Сити Мол. Фестивалот ќе го реализира ЈУ. Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Град Скопје.
Пријатели на фестивалот се АНИП „Орце Николов“-Скопје, МАЈА вода, Винчини, и Скопје Сити Мол. Оваа година фестивалот има посебно значење, бидејќи одбележува јубилеј – 35 години постоење. Три и пол децении „Оро без граници“ претставува приказна за традицијата и културното наследство, дружењето и создавањето нови пријателства меѓу најмладите учесници од Македонија и од странство.
Учесници на овогодишното „Оро без граници“ се: ДКЦ–Карпош-фолклорната секција – Македонија, АНИП „Орце Николов“ – Македонија, CTKU „Kosta Abraševič” Bačka palanka“ – Srbija, ФА „Емин Дураку“ – Македонија, Folklorna skupina Dragatuš – Slovenija и ФА „Љиљан“ – Македонија.
Фестивалот претставува можност децата преку своите фолклорни настапи да ги претстават богатството и убавината на културата од која доаѓаат, но истовремено да се запознаат со традициите, обичаите, песните и игрите на своите врсници од други земји и традициите кои се негуваат во нашата држава.
„Детскиот културен центар „Карпош“ со својот фолклорен ансамбл и АНИП „Орце Николов“ се домаќини на гостите од странство кои се учесници на фестивалот. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое тргнува од Центарот во 18:30 часот и од сите учесници се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.