Секоја година на 30 септември светот ги одбележува преведувачите, толкувачите и терминолозите. Годинашната тема, избрана од Меѓународната федерација на преведувачи, гласи „Јазична разновидност и јазични права: преведувањето, толкувањето и терминологијата во срцето на јазичната вклученост“, со поднаслов „Моќта да бидеш разбран“.
Темата доаѓа во година кога прашањето „дали ни требаат уште преведувачи?“ повеќе не е теоретско.
Денот на Свети Јероним
Датумот е избран во чест на Свети Јероним, заштитникот на преведувачите, кој во четвртиот век ја превел Библијата на латински. Неговиот превод, познат како Вулгата, одиграл голема улога во ширењето на религиското знаење низ Европа. Јероним починал на 30 септември 420 година. Меѓународната федерација на преведувачи го одбележува денот уште од своето основање во 1953 година, а во 1991 година почнала да бара тој официјално да биде признаен. ОН го прогласиле 30 септември за Меѓународен ден на преведувањето дури во 2017 година.
Моќта да бидеш разбран
Годинашната тема има едноставна поента. Преведувачите и толкувачите го претвораат правното признавање на јазиците во вистински пристап, со што луѓето и заедниците можат целосно да учествуваат во општествениот, граѓанскиот и институционалниот живот. Преводот, според Федерацијата, не е додаток на јазичните права, туку нивна оперативна основа.
Тоа се гледа во секојдневни ситуаци, во болница, во суд, во училиште. Јазичните права не се исполнуваат само со тоа што на луѓето им е дозволено да зборуваат, туку кога тие навистина се слушнати и разбрани.
Федерацијата директно ја спомнува и вештачката интелигенција. Напредокот на вештачката интелигенција ја прошири повеќејазичната комуникација, но ги истакна и разликите меѓу јазиците со многу податоци и оние со малку. Професионалците, според Федерацијата, остануваат неопходни за квалитетот, етиката и јазичната вклученост.
Професија под притисок
Бројките покажуваат дека прашањето за влијанието на вештачката интелигенција врз професијата веќе не е хипотетичко во преведувачката индустрија. Апликациите како „Гугл преведувач“ веќе ја намалија потребата од човечки преведувачи, а генеративната вештачка интелигенција дополнително го забрза тој тренд.
Истражување на британското Здружение на автори од 2024 година покажа дека повеќе од една третина од преведувачите изгубиле работа поради генеративната вештачка интелигенција, а 43 отсто пријавиле пад на приходите. Уште позагрижувачка е проценката за иднината: повеќе од три четвртини од преведувачите веруваат дека технологијата негативно ќе влијае врз нивните идни приходи.
Трендот е стар колку и машинските преведувачи. Анализата на Карл Фреј и Педро Љанос-Паредес од Оксфорд, заснована на податоци од САД за периодот од 2010 до 2023 година, покажа дека во регионите каде што „Гугл преведувач“ се користел повеќе, бројот на работни места за преведувачи растел побавно.
Промената ги погодува дури и најголемите институции. На Светскиот економски форум во Давос во јануари 2026 година, директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, изјави дека бројот на преведувачи и толкувачи во Фондот паднал од 200 на 50 поради технологијата.
Претседателката на Американската асоцијација на преведувачи, Енди Бензо, изјавила дека многу преведувачи целосно ја напуштаат професијата, иако ризиците од машински превод во области во кои многу е во прашање остануваат огромни.
Што машината сè уште не може
Сликата не е иста за сите видови превод. Преведувачот од шпански Томас Банстед смета дека книжевниот превод сè уште е во рацете на луѓето, додека на машините им оди едноставната, секојдневна работа што не бара многу нијанси, како што се упатствата за употреба. Идиоматскиот, заплеткан и сложен текст, според неговата колешка Никола Смоли, најверојатно ќе остане во рацете на луѓето.
Токму тука е суштината на прашањето што значи да се преведува денес. Машината преведува зборови и реченици. Преведувачот носи одлуки: кој збор ќе ја задржи иронијата, како ќе звучи еден стих, што значи еден израз во еден контекст, а што во друг. Во болница или во суд, погрешниот превод не е стилска грешка, туку ризик за нечие здравје или слобода.
Македонскиот јазик во машината
За мал јазик како македонскиот, прашањето има и дополнителна тежина. Јазиците со помалку дигитални текстови имаат помалку податоци од кои машините учат, па и грешките се почести. Секој што користел таков превод на македонски го препознава тоа: погрешни падежни конструкции, мешање со српски или бугарски форми, чудни идиоми.
Македонските преведувачи отворено зборуваат за оваа промена. На дванаесеттата годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи, со кое раководи Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, д-р Костадин Мишев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство зборуваше за иднината на преведувањето како надополнување на човечката експертиза со вештачката интелигенција.
Македонскиот има и долга преведувачка традиција. Блаже Конески, еден од кодификаторите на јазикот, бил и преведувач на Хајне и на Његош, а преводите на светската литература биле дел од градењето на современиот македонски јазик.
Пред македонските преведувачи стои и една голема задача. Ако земјата стане членка на ЕУ, македонскиот ќе стане еден од официјалните јазици на Унијата, а целото европско право ќе мора да биде достапно на него. Кога ги отвори пристапните преговори во 2022 година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети дека ЕУ целосно ќе ги почитува македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Тоа почитување во пракса значи преведувачи, терминолози и толкувачи. Федерацијата на преведувачи ја сумира поентата на годинашниот ден со една реченица: јазичната разновидност може да опстане само таму каде што се почитуваат јазичните права, а тие се остваруваат преку преводот.