Меѓународен ден на музиката: зошто 7/8 ритамот е интересен за светот?

Македонските ора ги предизвикуваат музичарите што не се навикнати на неправилни ритми, Скопје 45 години го гради својот џез-имиџ, а науката потврдува дека музиката може да влијае на расположението и чувството на припадност.

На 1 октомври светот го одбележува Меѓународниот ден на музиката. Денот во 1975 година го иницираше Меѓународниот музички совет, на иницијатива на виолинистот Јехуди Менухин, со идејата да се промовира музиката како универзален јазик што ги поврзува луѓето. А Македонија на тој јазик зборува со прилично препознатлив ритам.

Ритамот што не се брои лесно

Обидете се да му објасните на музичар од Лондон или Њујорк како се игра „Лесното“. Ако е навикнат на 4/4 такт, еден од најчестите ритми во западната популарна музика, македонското броење може да му звучи необично.

„Лесното“ се изведува во 7/8, со карактеристична поделба на долг и два кратки делови, бавно, брзо, брзо. За македонско дете, тоа може да биде нешто сосема природно, научено уште на свадби и прослави. За некој што не пораснал со таков ритам, потребно е малку повеќе вежбање.

Македонската народна музика е богата со неправилни тактови – 7/8, 9/8, 11/8 и други сложени комбинации. Токму овие ритми со децении го привлекуваат вниманието на џез-музичари, композитори и етномузиколози од различни делови на светот. Она што за нас е едно обично оро, за некого што првпат го слуша може да биде вистинска лекција по ритам.

Песни што патуваат подалеку од јазикот

Македонските народни песни имаат свој живот и надвор од земјата. „Јовано, Јованке“ и „Зајди, зајди“ се изведуваат од хорови и музичари во различни делови од светот, често и без публиката да го разбира јазикот на кој се испеани.

Македонската музика има и автори и изведувачи со меѓународно влијание. Есма Реџепова, родена во Скопје, стана една од најпознатите изведувачки на ромската музика во светот и настапуваше на големи европски и светски сцени.

Тоше Проески, пак, остана еден од најпрепознатливите македонски пејачи во регионот. Неговите песни и денес се дел од музичките спомени на генерации слушатели.

Скопје и 45 години џез

Малкумина знаат дека Скопје има фестивал со долга традиција на европската џез-сцена. Скопскиот џез фестивал се одржува од 1982 година и во текот на децениите во Скопје донесе голем број значајни имиња од светската и европската џез-сцена.

Годинава фестивалот го одржува своето 45. издание, од 15 до 18 октомври, во Националната опера и балет, со музичари од 13 земји. Програмата ја отвора словенечкиот состав на Златко Каучич, а фестивалот ќе заврши со настапите на „Сао Паоло андерграунд“ и францускиот квинтет на Венсан Перани.

Новина годинава е полноќната програма на Малата сцена во Операта, специјално подготвена за фестивалот. Програмата ја дополнуваат документарец за легендарниот контрабасист Рон Картер и традиционалната работилница „Џез за деца“, наменета за најмладата публика.

Што слуша светот?

Музиката никогаш не била подостапна. Стриминг-платформите овозможија песните од речиси секој дел од светот да стигнат до милиони слушатели за неколку секунди.

„Спотифај“ оваа година го одбележува својот 20-ти роденден, а платформата ги објави најслушаните изведувачи и песни во својата историја. На врвот на листата на изведувачи е Тејлор Свифт, пред Бед Бани, додека најслушана песна е „Blinding Lights“ на Вeкнд.

Листите се составени врз основа на слушањето на стотици милиони корисници. Но музиката не е само статистика. За многумина таа е и лична архива – песна од детството, првиот концерт, летен хит, љубовна приказна или мелодија што веднаш враќа на одредено место и време.

Музиката навистина влијае на расположението

Науката го потврдува она што многумина го чувствуваат по омилената песна или концерт. Истражувањата покажуваат дека музиката може да го активира системот за награда во мозокот, додека заедничкото пеење и музицирање можат да придонесат за поврзување меѓу луѓето и чувство на припадност.

Токму затоа музиката има посебна улога во колективните моменти, од концерт и стадион до свадба, протест или семејна прослава.

Затоа денешниот ден не бара многу. Пуштете ја песната што ви го поправа расположението, заиграјте едно оро, макар и само во дневната соба, или купете билет за концерт. А ако ритамот е 7/8 – не грижете се ако не успеете да го фатите од прва. Тоа е македонскиот начин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс