Со три настани во Битола ќе биде одбележан Меѓународниот ден на младите

Битола го одбележува Меѓународниот ден на младите со три настани посветени на креативноста, дигиталната свесност и личниот развој.

Со дневна и вечерна програма посветена на младинската креативност, дигиталната свесност и личниот развој, денеска, 12 август, во Битола ќе биде одбележан Меѓународниот ден на младите.

Дневната програма ќе се одржи од 11 до 13 часот во Младинскиот центар – Битола и ќе опфати два настани.

Креативност и дигитална свесност

Активноста „Младоста во боја“ ќе биде посветена на креативноста, слободното изразување и активното учество на младите во заедницата.

Во рамки на „Свесно низ дигиталниот свет“ ќе се разговара за одговорното, безбедното и свесното користење на дигиталниот простор, како и за потребата младите да бидат подобро информирани за предизвиците со кои се соочуваат на интернет.

Вечерна програма за личен развој

Одбележувањето на Меѓународниот ден на младите ќе продолжи во 19:30 часот во просториите на МКЦ со настанот „Патот до целта“, организиран во соработка со „Свесност – Центар за психотерапија“.

Вечерната програма ќе биде посветена на личниот развој, поставувањето цели и предизвиците со кои младите се соочуваат на патот кон нивното остварување.

Организаторите посочуваат дека преку активностите сакаат пораките и ставовите на младите да допрат до пошироката јавност и да ја нагласат важноста на нивното активно учество во заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс