Најголемата вештачка река во светот: мегапроект што обезбедува вода за милиони луѓе

Мегапроектот во Кина долг 2.700 км обезбедува вода за 185 милиони луѓе и ја менува водната иднина на земјата.

Проектот за пренасочување на вода од југ кон север во Кина, познат како SNWD, започна со изградба во 2002 година и денес претставува најголемиот воден инфраструктурен систем во историјата. Со повеќе од 2.700 километри канали, тунели и аквадукти, овој систем ја поврзува водата од влажните јужни региони со сушните делови на северот, значително менувајќи ја водната мапа на земјата.

Северна Кина со години се соочуваше со сериозен недостиг на вода, вклучително и пресушување на делови од Жолта река и нејзините притоки. Како одговор на оваа криза, инженерите развија амбициозно решение кое денес обезбедува вода за околу 185 милиони луѓе во густо населени и индустриски региони.

Системот се состои од три главни рути – источна, централна и западна. Источната рута користи делови од историскиот Големиот канал Пекинг-Хангжу и функционира од 2013 година, додека централната рута носи вода од резервоарот Данџијангкоу до Пекинг, главно со природен пад без потреба од пумпи. Западната рута сè уште е во фаза на планирање поради технички и еколошки предизвици.

Досега преку системот се пренесени десетици милијарди кубни метри вода, а вкупната инвестиција надминува 79 милијарди долари, што го прави најскапиот проект од ваков тип. За неговата реализација биле преселени околу 330.000 луѓе, што дополнително ја покажува неговата размер и влијание.

И покрај импресивните резултати, проектот носи и сериозни предизвици. Постојат ризици од загадување, како и влијанија врз локалните екосистеми, особено во индустриските региони низ кои поминуваат каналите. Затоа, паралелно се инвестира во заштита на природните ресурси и одржување на квалитетот на водата.

Целосното завршување на проектот се очекува до 2050 година, кога ќе достигне максимален капацитет. До тогаш, оваа вештачка река ќе остане еден од најзначајните примери за инженерски подвиг, кој директно влијае врз животот на милиони луѓе и долгорочната водна стабилност на една од најголемите земји во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни