Медузите спаѓаат меѓу ретките живи организми кои речиси никогаш не развиваат рак, а ново истражување објавено во списанието PNAS открива дека тајната лежи во нивната екстремно брза клеточна делба. Тим научници од Калифорнискиот технолошки институт (Калтек) утврди дека овој процес, наместо да го зголемува ризикот од мутации како кај повеќето организми, кај медузите функционира како вграден систем за контрола на квалитетот што ги отстранува абнормалните клетки.
Во современата медицина долго се сметаше дека честата и забрзана делба на клетките го зголемува ризикот од грешки во ДНК и појава на тумори. Сепак, научниците Аниш А. Сарма, Џон Дојл и билогот Леа Гоенторо од „Калтек“ развија математички модел со кој докажаа дека кај поедноставните организми брзата пролиферација може да има сосема спротивен ефект – забрзано да ги турка и исфрла оштетените клетки пред тие да почнат неконтролирано да се шират.
За да ги проверат теоретските пресметки, истражувачите ги тестираа хипотезите врз живи медузи. Кога биле изложени на канцерогени супстанции, медузите веднаш ја забрзале делбата на клетките како заштитна реакција.
Проблемот настанал кога научниците вештачки го блокирале овој одговор, преку стрес, повреди или лекови кои ја забавуваат клеточната делба. Во тие услови, кај медузите почнале да се развиваат тумори, што потврди дека нивното здравје директно зависи од постојаната и брза елиминација на оштетените клетки.
Разбирањето на фундаменталните биолошки механизми со кои примитивните организми се штитат од рак отвора нови патишта во онколошките истражувања. Наместо фокусот секогаш да биде само на блокирање на клеточниот раст, сознанијата од медузите може да им помогнат на научниците да развијат нови стратегии за активирање на природните механизми за самочистење на ткивата кај покомплексните организми.