Повеќе од 200 тони медузи ги запреа реакторите во француската нуклеарна централа

Огромен број медузи стигнале до системите за филтрирање на нуклеарната централа Гравлин во северна Франција, поради што два од шесте реактори биле целосно запрени. Уште два работат со намалена моќност, додека преостанатите два се надвор од погон поради одржување и инспекција.
Foto: Sameer Al-Doumy

Повеќе од 200 тони медузи се појавиле во близина на нуклеарната централа Гравлин, на северното крајбрежје на Франција, соопшти енергетскиот оператор ЕДФ.

Медузите стигнале до системите за филтрирање на пумпната станица преку која централата се снабдува со морска вода. Поради огромната концентрација, два реактори биле превентивно запрени за да се спречи какво било влијание врз безбедноста на постројката. 

Од ЕДФ соопштија дека уште два реактори работат со намалена моќност, додека другите два се надвор од погон поради планирано одржување и инспекција. Компанијата нагласи дека настанот не претставува опасност ниту за безбедноста на централата ниту за електроенергетската мрежа. 

Ова не е првпат Гравлин да се соочи со ваков проблем. Централата и претходно, во август годинава и во август 2025 година, имала прекини во работата поради големи количества медузи што навлегле во системите за внесување и филтрирање на морската вода. 

За да го намали ризикот од повторување на ситуацијата, ЕДФ поставила системи за следење и рано откривање на големите групи медузи. Во близина на централата непрекинато работат и седум бродови кои ги собираат медузите и ги пуштаат назад во отворено море. 

Засега не е утврдено што го предизвикало појавувањето на толку голем број медузи. ЕДФ соработува со различни партнери за да го истражи феноменот.

Гравлин е една од најголемите нуклеарни централи во Европа и се наоѓа на брегот на Северното Море, меѓу Кале и Денкерк. Централата има шест реактори и е една од клучните постројки во францускиот нуклеарен систем. 

Појавата на медузите доаѓа во период кога француските нуклеарни централи и онака се соочуваат со проблеми поврзани со екстремните температури и сушата. Високите температури на водата и недостигот од вода за ладење веќе принудија повеќе реактори да работат со намалена моќност или привремено да бидат запрени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс