20. Медитерански игри – спортска традиција што поврзува три континенти

Од првото издание до денес, Медитеранските игри прераснаа во голем меѓународен спортски настан, со учество на илјадници спортисти во голем број спортови

Медитеранските игри се еден од најзначајните спортски настани во регионот, кој повеќе од седум децении ги поврзува спортистите од земјите околу Средоземното Море. Идејата зад Игрите е преку спортот да се создаде простор за натпреварување, дружење и поврзување на земјите од Европа, Африка и Азија.

Од првото издание до денес, Медитеранските игри прераснаа во голем меѓународен спортски настан, со учество на илјадници спортисти во голем број спортови.

Од Александрија до Таранто

Првите Медитерански игри се одржале во 1951 година во Александрија, Египет. Од тогаш, Игрите се одржуваат во различни медитерански градови, при што секое издание носи своја спортска приказна и остава трага во историјата на регионалниот спорт.

Низ годините домаќини биле градови од повеќе медитерански земји, а бројот на спортови и учесници постепено се зголемувал.

Игрите денес претставуваат своевидна спортска средба на трите континенти – Европа, Африка и Азија. Покрај спортскиот натпревар, нивната цел е да поттикнат пријателство и соработка меѓу земјите што го споделуваат медитеранскиот простор и неговото културно наследство.

Во 2026 година домаќин на јубилејното, 20-то издание е италијанскиот град Таранто, заедно со повеќе општини во регионот Пуља.

На Игрите во Таранто се очекува да настапат околу 4.000 спортисти од 26 земји, кои ќе се натпреваруваат во 28 спортови. Натпреварите ќе се одржуваат на 25 борилишта во Таранто и околните градови, а во организацијата ќе бидат вклучени околу 3.000 волонтери.

Покрај спортските натпревари, организаторите подготвуваат и голема културна програма со повеќе од 60 уметнички, музички и модни настани.

Особено внимание привлекува и паделот, кој во Таранто за првпат ќе биде дел од програмата како спорт во кој ќе се доделуваат медали.

Македонија и Медитеранските игри

Македонските спортисти имаат свое место во историјата на Медитеранските игри. По приемот на Македонија во полноправно членство во Интернационалниот комитет на Медитеранските игри во 2009 година, македонските спортисти започнаа да настапуваат како независна држава.

Таранто 2026 ќе биде четврто учество на Македонија како независна држава, а досегашните три настапи донесоа вкупно 14 медали – три златни, две сребрени и девет бронзени.

Сите досегашни медали се освоени во индивидуални спортови – борење, карате, таеквондо и бокс.

Мерсин 2013 – прв настап

Првиот настап на Македонија како независна држава на Медитеранските игри беше во Мерсин во 2013 година.

Македонската делегација тогаш броеше 116 спортисти, а од Турција се врати со пет медали – едно сребро и четири бронзи.

Тарагона 2018 – историски злата

Најуспешен настап на Македонија досега беа Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година.

Македонските спортисти освоија шест медали, а овој настап остана запаметен по првите историски златни медали за нашата земја на Медитеранските игри.

Злато освоија Берат Јакупи во карате и Магомедгаџи Нуров во борење.

Оран 2022 – ново злато за Нуров

На последното одржано издание, во Оран во 2022 година, Македонија освои три медали.

Магомедгаџи Нуров повторно се искачи на највисокото место на пиедесталот и освои златен медал, додека бронзени медали освоија Владимир Егоров и Дејан Георгиевски.

Таранто 2026 – рекордна македонска делегација

Овогодишното издание носи нов момент во историјата на македонското учество.

Во Таранто Македонија ќе настапи со 130-члена делегација, од кои 90 се спортисти. Тоа е најбројната македонска спортска делегација што досега настапила на ваков мултиспортски настан.

Македонските спортисти ќе се натпреваруваат во 19 спортови.

Од екипните спортови потврдено е учеството на женската ракометна репрезентација, женската одбојкарска репрезентација, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.

Во индивидуалните спортови Македонија ќе има претставници во атлетика, бадминтон, бокс, борење, велосипедизам, карате, коњички спортови, мечување, пливање, ритмичка гимнастика, спортско стрелаштво, таеквондо, тенис, триатлон и џудо.

Од олимписки медалисти до најмладите дебитанти

Македонскиот тим во Таранто ќе ги обедини искусните репрезентативци и спортисти кои за првпат ќе се појават на голема меѓународна сцена.

Во составот се олимпискиот вицешампион Дејан Георгиевски, таеквондистката Милијана Релиќ, националниот маратонски рекордер Дарио Ивановски, борачите Владимир Егоров и Магомедгаџи Нуров, како и стрелачката Анастасија Мојсовска и пливачот Никола Ѓуретановиќ.

Најмлад член на делегацијата е тенисерката Сара Митевска, додека најискусен е Лука Заложник, кој ќе настапи во коњички спортови.

Новина во составот е и вклучувањето на Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, која ќе работи на психолошката подготовка на спортистите и справувањето со притисокот за време на натпреварите.

Повеќе од учество – амбиција за медали

Македонија во Таранто нема да настапи само со амбиција да биде дел од големиот спортски спектакл.

По досегашните 14 медали, целта е колекцијата повторно да биде збогатена со нови одличја. Особено значајно е што Македонија за првпат ќе има дури четири екипни делегации, што претставува сериозен спортски предизвик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс