Отворена изложбата за Медитеранските игри Таранто 2026 во Скопје

Изложбата „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“, организирана од Македонскиот олимписки комитет и Амбасадата на Италија, денеска беше отворена во Скопје. Преку фотографии и спортски приказни, таа го најавува претстојното големо медитеранско спортско случување во Таранто.

Во организација на Македонскиот олимписки комитет и Амбасадата на Италија во Скопје, денеска во кафулето Espresso ST Café во East Gate Mall беше отворена изложбата „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“, посветена на претстојните XX Медитерански игри што годинава ќе се одржат во Таранто, Италија.

Изложбата преку внимателно избрани фотографии ја претставува богатата историја на Медитеранските игри, нивното значење за поврзување на народите од медитеранскиот регион и вредностите што ги промовира спортот – пријателство, почит, солидарност и фер-плеј.

На отворањето присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, спортски институции, спортисти и медиуми, како и македонските олимписки спортисти Дарио Ивановски и Вероника Костовска, заедно со други истакнати претставници на спортската заедница.

Присутните истакнаа дека спортот е универзален јазик кој ги обединува луѓето и создава можности за соработка меѓу државите. Медитеранските игри, според нив, се еден од најдобрите примери за промоција на мирот, меѓусебното разбирање и заедничките вредности преку спортот.

Со организацијата на оваа изложба, Амбасадата на Италија во Скопје и Македонскиот олимписки комитет ја потврдуваат својата заложба за промоција на олимписките вредности и зајакнување на спортската соработка меѓу Италија и Северна Македонија во пресрет на XX Медитерански игри Таранто 2026.

Изложбата ќе биде отворена и во наредните денови, овозможувајќи им на посетителите поблиску да се запознаат со духот и значењето на едно од најголемите мултиспортски натпреварувања во медитеранскиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс