Мбапе го урна рекордот на Меси: Нов крал на стрелците во историјата на Светските првенства

Француската ѕвезда постигна два гола во мечот за третото место, стигна до 22 погодоци на Мундијалите и го надмина Лионел Меси, додека Мајкл Олисе испиша нов рекорд по бројот на асистенции.
epa13087899 Kylian Mbappe of France celebrates scoring the 0-1 goal during the FIFA World Cup 2026 Round of 16 match Paraguay against France, in Philadelphia, Pennsylvania, USA, 04 July 2026. EPA/WILL OLIVER

Килијан Мбапе испиша нова страница во историјата на светските првенства. Францускиот капитен стана најдобар стрелец на сите времиња на Мундијалите, откако постигна два гола во натпреварот за третото место против Англија и стигна до вкупно 22 погодоци, надминувајќи го досегашниот рекордер Лионел Меси, кој има 21.

До историскиот рекорд Мбапе стигна на само 27 години. На Светското првенство во Русија во 2018 година постигна четири гола, во Катар 2022 осум, а на Мундијалот 2026 дури десет. Со тоа стана и првиот фудбалер по Герд Милер во 1970 година кој постигнал двоцифрен број голови на едно Светско првенство.

Иако Франција не успеа да стигне до бронзениот медал, Мбапе беше главниот двигател на драматичниот пресврт. Французите губеа со убедливи 4:0 на полувремето против Англија, а со двата негови гола се доближија на 5:4. Сепак, Џуд Белингем во последните секунди ги постави конечните 6:4 и ѝ ја донесе бронзата на Англија.

Рекорд падна и во категоријата асистенции. Францускиот репрезентативец Мајкл Олисе двапати му асистираше на Мбапе и стигна до вкупно седум асистенции на турнирот, со што го собори рекордот на Пеле, кој на Светското првенство во 1970 година имаше шест асистенции.

Иако Мбапе веќе е нов рекордер по бројот на голови, Лионел Меси сè уште има можност да го подобри својот биланс, бидејќи Аргентина допрва ќе го игра финалето против Шпанија. Сепак, без оглед на исходот од финалниот натпревар, Французинот веќе испиша едно од најголемите индивидуални достигнувања во историјата на Светските првенства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс