Автомобили, месо и моќ: мажите ја загадуваат планетата повеќе од жените

Истражувањето покажува дека транспортот, исхраната и економската моќ создаваат родов јаз во климатското влијание, но не ги обвинува сите мажи подеднакво.

Нова научна анализа отвора чувствително, но сè поважно прашање во климатската дебата: дали одредени модели на „машко“ однесување, потрошувачка и економска моќ имаат поголем негативен ефект врз планетата. Трудот, објавен во списанието Norma: International Journal for Masculinity Studies, анализира постоечки истражувања за климатските промени, глобалното затоплување и еколошкиот колапс низ призмата на мажите, машкостите и нивната улога во економијата, политиката и секојдневните навики.

Истражувачите посочуваат дека мажите, во просек, имаат поголем јаглероден отпечаток и поголемо влијание врз животната средина преку потрошувачката, особено кога станува збор за патување, транспорт, туризам и консумација на месо. Една студија од 2025 година, спроведена врз 15.000 луѓе во Франција, покажала дека мажите создаваат 26 проценти повеќе емисии од жените преку транспорт и храна.

Во анализата се наведува и дека мажите почесто покажуваат помала загриженост за климатските промени, се помалку амбициозни и помалку активни во еколошката политика, како и помалку подготвени да ги променат секојдневните навики. Посебно се издвојува врската меѓу традиционалните претстави за машкост, црвено месо, големи автомобили и избегнување „зелени“ производи, што дел од истражувањата го поврзуваат со стравот од изгледање „премногу женствено“.

Но, трудот не ја сведува темата само на лични навики. Авторите предупредуваат дека мажите, особено богатите бели мажи од западниот свет, почесто се на позиции на сопственост, управување и контрола во индустрии со висок еколошки отпечаток: тешка индустрија, хемиско производство, земјоделство, екстрактивни индустрии и воениот сектор. Токму затоа, според истражувачите, родовиот јаз во емисиите не е само прашање на исхрана и хоби, туку и прашање на моќ и економски системи.

Професорот Џеф Херн, уредник на трудот и професор по социологија на Универзитетот во Хадерсфилд, вели дека веќе има доволно истражувања кои покажуваат јасни негативни ефекти од одредени машки однесувања врз животната средина и климата. Според него, изненадувачки е што ова прашање ретко се појавува во главните дебати и политики за поодржлив свет.

Сепак, авторите нагласуваат дека не станува збор за обвинување на сите мажи. Трудот препознава и мажи кои активно работат на промена на штетните модели, преку климатски активизам, грижа за заедниците, еколошки движења и поинакви форми на машкост. Главната порака е дека климатската криза не може да се разбере само преку технологија и економија, туку мора да се анализира и преку културните норми, навиките и распределбата на моќта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни