Илон Маск му предложил на американскиот претседател Доналд Трамп да се ограничи брзината на сателитскиот интернет Старлинк за украинските вооружени сили, објави британскиот весник „Телеграф“, повикувајќи се на четири упатени извори. Ненадејното сопирање на мрежата директно ги наруши операциите на фронтот, од нападите со дронови со среден дострел до координацијата на противвоздушната одбрана, оставајќи ја украинската војска во критични моменти без сигурна дигитална врска.
Ограничувањето не ја погоди само цивилната мрежа Старлинк, туку и специјализираниот систем Старшилд (Starshield), воен огранок развиен специјално за операции на одбраната. Воени извори потврдуваат дека падот на брзината предизвикал моментален прекин во комуникацијата меѓу командните центри и единиците на првата борбена линија.
Особено биле парализирани операциите со беспилотни летала од среден дострел. Овие системи директно зависат од стабилен сателитски пренос на податоци за навигација и прецизно лоцирање цели.
За украинската одбрана, која со месеци ги компензира недостигот на артилериска муниција и војници токму преку технолошка супериорност со евтини дронови, ненадејното намалување на протокот значеше директен ќорсокак на бојното поле.
Откако информациите за прекините станаа јавни, Маск се огласи на својата платформа Икс (поранешен Твитер) со став дека приватна компанија нема ингеренции да исклучува воени системи. Според неговото објаснување, системите Старшилд се во сопственост и под контрола на владата на САД, што значи дека секоја рестрикција ја носи исклучиво американската војска, а конечниот збор го има претседателот.
Сепак, изворите на „Телеграф“ ја опишуваат заткулисната игра поинаку. Според нивните сведоштва, токму Маск во директен разговор му ја претставил идејата на Трамп за стеснување на сателитскиот проток за Украина, по што американскиот претседател дал согласност за потегот.
Ова не е првпат пристапот до Старлинк да се користи како инструмент за притисок. Претходно беа забележани случаи каде што сигналите беа исклучувани околу брегот на Крим за да се спречат поморски напади врз руската флота.
Случајот отвора суштинско прашање и за европската безбедносна архитектура, но и за регионот: колку критичната воена и цивилна инфраструктура смее да зависи од волјата на еден технолошки олигарх и приватна корпорација. Иако врската подоцна се стабилизираше, нестабилноста покажа дека дигиталниот суверенитет не е апстрактен поим, туку прашање од кое директно зависи преживувањето на терен.
