Британскиот бенд „Масив атак“ е под истрага во Сингапур откако на концерт јавно изразил поддршка за Палестина, што според локалните власти може да претставува прекршување на условите за одржување на настанот и на правилата за јавно изразување политички ставови.
Како што објави „Ролинг стоун“, повикувајќи се на „Ченел њуз Ејжа“, сингапурската полиција и Управата за развој на информатичките и медиумските комуникации отвориле истрага по настапот на бендот во средата.
Развеано палестинско знаме на сцената
Според наводите, членовите на „Масив атак“ развеале палестинско знаме на сцената и ја повикале публиката да извикува „Слободна Палестина“.
„Полицијата потврдува дека се поднесени пријави и дека истрагата е во тек. ИМДА, исто така, истражува можно прекршување на условите од лиценцата“, соопштиле властите.
Иако Сингапур официјално поддржува решение со две држави во израелско-палестинскиот конфликт и членство на Палестина во Обединетите нации, земјата има строги правила за јавно истакнување симболи поврзани со војната во Газа.
Строги правила за јавно истакнување странски знамиња
Министерството за внатрешни работи на Сингапур уште во 2023 година соопшти дека не смее да се дозволи настаните во странство да го нарушат мирот и меѓуетничката хармонија во земјата.
Според важечките прописи, јавното истакнување знамиња на странски држави или територии, вклучително и палестинското знаме, е дозволено само со посебна дозвола или законско изземање.
„Масив атак“ важи за еден од најгласните музички состави што јавно ја поддржуваат Палестина. Фронтменот Роберт дел Наја годинава беше приведен за време на пропалестински протест во Лондон.
Бендот засега не се огласил
Бендот засега не се огласил по повод истрагата, а членовите не се приведени. Нивниот следен концерт е закажан за денес во Сеул, Јужна Кореја.
Доколку бидат обвинети и прогласени за виновни, членовите на „Масив атак“ би можеле да се соочат со парична казна од 500 сингапурски долари, односно околу 390 евра, и затворска казна до шест месеци.