Манчевски за Сараeво филм фестивал: Ги оставаме вистината и луѓето да зборуваат сами за себе

Филмот не се обидува да ја прераскаже трагедијата само преку факти, вели Манчевски во интервју за Сараевскиот филмски фестивал

Македонскиот режисер Милчо Манчевски со својот најнов филм „Добри луѓе“ учествува на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што документарецот има светска премиера во натпреварувачката програма за документарни филмови.

„Добри луѓе“ е прв документарен филм на Манчевски и е посветен на трагедијата во Кочани од март 2025 година, кога во пожарот во импровизирниот ноќен клуб „Пулс“ загинаа 63 луѓе.

Филмот не се обидува да ја прераскаже трагедијата само преку факти, вели Манчевски во интервју за Сараевскиот филмски фестивал, додавајќи дека во центарот се луѓето кои ја преживеале, оние кои во критичните моменти се обидувале да помогнат, како и сведоците кои ги споделуваат своите лични искуства, болка и сеќавања.

Манчевски вели дека филмот им припаѓа токму на тие луѓе и дека неговата екипа свесно избрала минималистички пристап, без дополнително драматизирање или манипулирање со емоциите.

„Нашата работа беше да создадеме медиум преку кој нивните зборови, мисли и емоции ќе останат зачувани за светот и за идните генерации“, објаснува режисерот.

Наместо филмската форма да биде во преден план, Манчевски и неговиот тим решиле да им дадат простор на сведоштвата. Камерата е воздржана, а фокусот е ставен врз човечките приказни и искуства.

Филмот, според Манчевски, отвора и пошироки прашања за доброто и злото, животот и смртта, човечноста, солидарноста и начинот на кој луѓето реагираат во моменти на голема трагедија.

„Вистината е поголема и посилна од сè што можеме да имитираме со филмски техники. Нашата задача беше да останеме воздржани. Имавме некои застрашувачки снимки од мртви луѓе наредени како кукли од партали, материјал за илустрација на зборовите, но сметавме дека зборовите и лицата беа повеќе од доволни, посилни и поверни на вистината од која било дополнителна илустрација. Понекогаш воздржаноста зборува најгласно“ вели Манчевски.

„Добри луѓе“ е осмиот долгометражен филм на Манчевски и негов прв документарец. Филмот е во продукција на „Banana Film“, а светската премиера се одржува во рамките на Сараевскиот филмски фестивал, кој годинава се одржува од 14 до 21 август.

Целото интервју на Манчевски на следниот линк

е-Трн да боцка во твојот инбокс