Мал авион во петокот попладне удри во највисокиот облакодер во Пекинг, предизвикувајќи драматични сцени во еден од најстрого обезбедуваните градови во светот. Инцидентот се случил кај 109-катниот облакодер „China Zun“ (CITIC Tower), кој е највисоката зграда во кинеската престолнина.
На видеоснимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат делови од леталото, остатоци од фасадата и стакло што паѓа од високите катови на зградата. На земја може да се забележи и опашниот дел од авионот, како и оштетено такси возило врз кое паднале парчиња од објектот.
Според новинар на Си-Ен-Ен, кој се нашол во близина на местото на несреќата, веднаш започнала евакуација на вработените и посетителите од облакодерот. Во краток рок пристигнале голем број пожарникари, полициски екипи и возила на итната медицинска помош, а околината била обезбедена додека траела интервенцијата.
Првичните информации укажуваат дека станува збор за лесен спортски авион од кинеско производство Sunward SA60L Aurora, кој бил во сопственост на локална компанија за општа авијација. Непотврдени податоци од платформата Flightradar24 покажуваат дека леталото непосредно пред несреќата значително отстапило од планираната рута, но причините за тоа засега не се познати.
Кинеските власти сè уште не објавија официјални информации за евентуални жртви или повредени, ниту за причините што довеле до ударот. Истрагата е во тек, а надлежните институции собираат докази и ги анализираат околностите под кои се случил инцидентот.
Настанот привлече дополнително внимание бидејќи Пекинг важи за еден од најконтролираните воздушни простори во светот. Од 1 мај годинава во градот се применуваат и нови строги правила со кои практично е забрането користење дронови без претходно одобрение од властите, што дополнително ја отвора дилемата како дошло до ваков авионски инцидент.