Македонскиот дебитантски игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, продолжува да бележи меѓународни успеси. Остварувањето е номинирано за престижната награда ФИПРЕСЦИ на 32. издание на Меѓународниот филмски фестивал Арт Филм во Кошице, Словачка, кој се одржува од 19 до 25 јуни. Словачката премиера на филмот е закажана за 23 јуни, а „17“ ќе биде прикажан во програмата „Во светлината на сенките“ (In the Light of Shadows), посветена на филмови кои отвораат важни општествени прашања и ги истражуваат комплексните животни приказни на женските протагонисти.
Филмот влезе во потесниот избор од осум наслови што ќе конкурираат за наградата на ФИПРЕСЦИ – Меѓународната федерација на филмски критичари. Признанието се доделува на дела со исклучителна авторска визија и уметничка вредност, со цел да се поддржат нови и иновативни филмски гласови на светската сцена. Според уметничкиот директор на фестивалот, Мартин Палух, годинашната конкуренција е составена од некои од најзначајните филмски остварувања во светската кинематографија, вклучувајќи филмови наградени на фестивалите во Кан и Берлин, како и режисерски дебија од повеќе европски земји, меѓу кои и Северна Македонија.
За победникот ќе одлучува тричлено меѓународно жири составено од францускиот филмски критичар Пјер-Ив Роже, холандската новинарка Клементин ван Вијнгарден и словачкиот филмски публицист Матуш Квасничка. Номинацијата за ФИПРЕСЦИ претставува значајно меѓународно признание за Косара Митиќ и за македонската кинематографија, потврдувајќи го растечкиот интерес за новите авторски гласови од регионот на европската филмска сцена.