Македонскиот џез на јубилејното 50. издание на Jazz Juniors во Полска

Директорот на фестивалот во Битола, Сашо Поповски, вторпат седнува во советот на реномираниот фестивал во Краков.

Директорот на Џез фактори фестивалот од Битола, Сашо Поповски, ќе биде дел од меѓународниот фестивалски совет на јубилејното 50. издание на Jazz Juniors во Краков, Полска, што се одржува од 1 до 5 октомври. Поповски вторпат учествува во советодавниот орган на оваа европска сцена, каде што ќе ја промовира и домашната џез заедница преку презентација на Националната џез платформа на Македонија.

Учеството во меѓународниот совет на партнери во Краков носи конкретна цел: вмрежување на домашните уметници со европски продуценти и фестивали. За Поповски, фокусот не е само институционалното присуство, туку отворањето патишта за настапи и соработка на македонските музичари надвор од границите.

„За мене, ова учество не е само лична чест, туку пред сè можност за претставување на македонската џез сцена, Битола и нејзиниот културен потенцијал пред меѓународната џез заедница. Како директор на Jazz Factory Festival – Bitola, продолжувам да работам на создавање мостови меѓу македонските музичари и меѓународната џез сцена – преку соработка, размена, вмрежување, нови партнерства и отворање можности за развој и промоција на македонските уметници“, истакнува Поповски.

Главниот програмски фокус за време на петте фестивалски дена во Полска ќе биде презентацијата на Националната џез платформа на Македонија. Станува збор за иницијатива со која се поврзуваат македонските џез автори, Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, домашните фестивали и сродните институции.

Целта на оваа координација е македонските проекти посистематски да конкурираат и да влезат во европските џез мрежи, каде што фестивалите разменуваат концертни програми и авторски состави.

„Верувам дека македонскиот џез има што да понуди на меѓународната сцена – со својот талент, креативност, авторски израз и енергија. Jazz Factory Festival продолжува да гради мостови. За македонскиот џез да биде слушнат, препознаен и поврзан со светот“, вели Поповски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс