Македонската културна сцена гради партнерства со Јапонија пред ЕПК 2028

Отворен е повикот на EU–Japan Fest за заеднички уметнички проекти, со краен рок за аплицирање до 30 септември.
Фото: James Blake Wiener/CC BY-NC-SA

Македонските уметници и организации добиваат шанса за соработка со јапонски автори преку повикот на EU–Japan Fest Japan Committee, отворен до 30 септември. Поддршката е наменета за заеднички културни проекти меѓу Европа и Јапонија, што за домашната сцена отвора директен простор за меѓународно вмрежување во пресрет на програмата Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

Повикот опфаќа широк спектар на културни и уметнички форми – театар, перформанс, музика, визуелни уметности, филм, традиционална и современа култура, како и интердисциплинарни проекти. Посебно се вреднуваат идеи поврзани со младите, различноста, природата и зелената трансформација и улогата на културата во социјалната регенерација.

Заинтересираните треба да понудат конкретна проектна идеја и партнер од Јапонија – уметник, културна организација или друга релевантна институција. Не станува збор за индивидуален грант, туку за поддршка на проект што ќе го создаваат и реализираат партнери од Европа и Јапонија.

Повикот е отворен за млади и етаблирани уметници, независни културни работници, театри, здруженија, фестивали и други организации од културниот сектор.

 “Ова е можност македонската културна сцена уште сега да започне да гради нови европски и меѓународни долгорочни професионални партнерства и преку нив да создава дел од културната динамика што ќе го одбележи Скопје – Европска престолнина на културата 2028”, вели директорот на Фондацијата “Скопје ЕПК за 2028”, Марјан Цветковски. Додава дека, со овој повик нема да се создадат само уметнички дела заедно со јапонски автори, туку и долгорочни професионални партнерства кои ќе продолжат и по 2028 година.

Повикот е дел од пошироката европско-јапонска културна соработка и е поврзан со програмите на Европските престолнини на културата Лиепаја 2027 во Летонија и Евора 2027 во Португалија. За Скопје, ова е уште еден начин македонските уметници да бидат дел од европската културна мрежа и да воспостават директни врски со јапонската уметничка сцена. 

Крајниот рок за првиот повик е 30 септември 2026 година. За условите, критериумите и роковите заинтересираните може да се информираат на линкот https://www.eu-japanfest.org/en/apply33/

Условите за учество, критериумите и начинот на пријавување се достапни во официјалниот повик на EU–Japan Fest Japan Committee. 

Скопје 2028 сака ваквите соработки да донесат нови идеи, нови уметнички дела и нови партнерства – и Македонија и Јапонија да се сретнат токму преку културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс