Македонски Телеком воведува своја 5G мрежа

Со самостојната 5G мрежа компанијата Македонски Телеком влегува во следната фаза од развојот на мобилната инфраструктура

Македонски Телеком уште еднаш воведува новитет во мобилните услуги.

Компанија ја носи првата самостојна 5G мрежа во Македонија, позната како 5G Standalone или 5G+.

Од Телеком инфомираат дека новата мрежна инфраструктура е веќе поставена, а функционалностите ќе се активираат постепено и треба да им станат достапни на корисниците до крајот на годинава.

За разлика од сегашната 5G мрежа, која за дел од основните функции сè уште се потпира на 4G инфраструктурата, 5G Standalone има целосно сопствена архитектура. Тоа треба да овозможи побрза реакција на апликациите, постабилни видеоповици и стриминг, како и подобро функционирање на мрежата при голема оптовареност.

Новата инфраструктура создава и техничка основа за cloud gaming, AR и VR услуги, апликации базирани на вештачка интелигенција, поврзани уреди и нови дигитални сервиси.

Една од клучните функционалности е таканареченото Network Slicing, односно поделба на мрежата на посебни виртуелни сегменти со различни карактеристики.

Со тоа во иднина ќе може различни услуги да добиваат различен приоритет и ниво на стабилност, зависно од потребата, на пример за деловен видеоповик, гејминг, стриминг или индустриски системи.

„Со првата самостојна 5G мрежа отвораме ново поглавје во развојот на мобилните комуникации во Македонија. Не станува збор само за поголема брзина, туку за целосно нов начин на кој мрежата ќе функционира и сè повеќе ќе се приспособува на потребите на секој корисник“, изјави Маја Милосавлевска Наумовска, главен директор за техника и ИТ во Македонски Телеком.

Според неа, технологијата треба да создаде основа и за нови решенија за компаниите, индустријата и јавниот сектор.

Воведувањето ќе се одвива фазно, а за користење на новите функционалности ќе биде потребен уред што поддржува 5G Standalone и има соодветна софтверска поддршка.

Македонски Телеком претходно ги воведе и првите 3G, 4G и 5G услуги во земјава, а со самостојната 5G мрежа компанијата влегува во следната фаза од развојот на мобилната инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс