Од Велес и Штип до Загреб: македонскиот стрип се претстави пред регионална публика

Томе Трајков и Александар Стеванов учествуваа на „Цртани романи шоу“ во Хрватска, каде преку панел ја претставија историјата, сегашноста и иднината на македонскиот стрип.

Македонскиот стрип доби свое претставување на меѓународната сцена, откако стрип промотерите Томе Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип учествуваа на фестивалот „Цртани романи шоу“ во Загреб, кој се одржа од 17 до 19 април во Академијата на ликовни уметности, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Настапот на македонските претставници беше дел од програмата на еден од најпознатите стрип фестивали во регионот, кој со години привлекува голем број автори, издавачи и публика. Фестивалот важи за еден од таканаречените „комикони“ – настани со масовна посетеност, богата програма и присуство на етаблирани имиња од светската стрип сцена, меѓу кои гости од Италија, Франција, Германија, САД, Ирска, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Покрај главната програма, фестивалот понуди и низа придружни активности, вклучувајќи изложби, панел-дискусии, саем на стрипови, работилници за цртање, косплеј настани, квизови и концерти, со што дополнително се зајакна интеракцијата меѓу авторите и публиката.

Во рамки на фестивалот, Томе Трајков и Александар Стеванов одржаа панел-промоција на тема „Македонскиот стрип има минато, сегашност и иднина“, при што ја претставија домашната сцена, нејзиниот развој и потенцијалите за понатамошен раст.

Според Трајков, учеството на вакви настани претставува продолжение на неговата долгогодишна меѓународна активност и можност за поврзување со регионалната и светската стрип заедница.

Освен промоцијата на македонскиот стрип, посетата беше искористена и за стекнување нови организациски искуства, кои, како што најавуваат учесниците, ќе се применат во идните активности и фестивали во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни