Search

Македонски сон – Кој сака нека верува

Скопје. Градски Sид. Пријатно, сончево неделно утро на терасата од мојот скромен двособен стан во кулата број дванаесет. Мојот поглед вперен кон северо-исток, спонтано фиксиран на штотуку изгреаното сонце, кое го милува овој измрцварен град. Немам мозок. Го оставив на синоќешниот фестивал кој го организирав, помеѓу неколкуте стотини сериозно разиграна публика. Јас лично немав време за танц, но го оставив мозокот да си поигра. Искрено, не е фер постојано да го држам со себе. Не секогаш е забавно онаму каде што морам да се најдам, само за да го одржам пламенот на надежта и илузијата за персонална слобода. Така лесен и видно разоружан од било каква амбиција, можев да си дозволам дури и очи затворени. Вистинска привилегија за некој во мојата позиција.

Не сум сигурен колку време моите очи беа затворени, но знам дека уживав во секој миг краток ко вечност. Кога ги отворив очите, пред мене стоеше – ни помалку ни повеќе – Гоце Делчев, со глава и брада, т.е. мустаќи. Со глава и мустаќи. Од сите можни замислени пријатели на светов, мене мораше токму тој, Гоце Делчев да ми се појави. Кој сака нека верува.

Веднаш сакав да му кажам дека сум воодушевен од неговото разбирање на светот како поле за културен натпревар помеѓу народите. Визионерство за пример, нели? Збунувачко просветление изникнато од калливата жабокречина на ропска Македонија од почетокот на дваесеттиот век. Така озарен и читлив ко селски буквар, не стигнав да изустам ништо, а веќе слушнав: “Вие денешните Македонци го разбирате светот како поле за НЕкултурен натпревар помеѓу себе“. Ме уби срамота. “Од колевка на културата, во само неколку века до Европска престолнина на културата, а вие до пола ден го мразите цел свет, па од пола ден се мразите сами себе.“ Ги згрчив усните во обид да изустам некакво интелигентно оправдание, но селскиот учител ме прочита како селски буквар и рече: “Знам јас дека триесет-педесет-седумдесет години се историски прекуси за упристојување држава. Ве гази неискуство. Изненадени сте од сериозноста на задачата. Ве фаќа ужас од преземање одговорност. Порано беше подобро. Ако не подобро, секако беше полесно. Во мое време беше доволно да се загине за Македонија. Сега треба да се живее за Македонија. Ѓаволска работа.“ Гоце Делчев дами и господа, со глава и мустаќ, на мојата тераса. Кој сака нека верува.

Се разбира, јас и понатаму се мачев за адекватна мисла или збор, за разлика од него кој не само мене, туку сите нас денешните Македонци, нѐ чита како селски буквар. Малку ми олесна кога ме погледна и рече: “Не грижи се момче, не сум овде да карам или тепам, иако добар ќотек може да биде само од корист за денешниве Македонци. Доаѓам од македонското дно: ропство, војна, смрт. Вие живеете во сопствена држава, прекрасни градови, најадени сте, напиени, дотерани. Слободно пеете песни на својот јазик. Го живеете МАКЕДОНСКИОТ СОН. Сакам малку и јас од тој сон. Изнеси ме момче да прошетаме низ овој ваш главен град. Има ли нешто интересно неделава?“ “Има“, конечно се доведов во состојба да изустам нешто: “Скопскиот џез фестивал е неделава на културниот репертоар. Четириесет и втора година по ред, џез од највисок квалитет, само за нас, современите Македонци“. “Одлично“ – воскликна тој: “Џезот е традиционална македонска музика. Јас и ти одиме во град!“ – и додаде: “Те знам момче, не си ти толку молчелив како што се правиш. Ајде кажи нешто на тој ваш модерен Македонски јазик. Кажи нешто позитивно“. Јас не знаев дали ми е срцево во петици, дали ми се топи од ненадејна радост, љубов и расположение, па спонтано запеав:

“Вечер искачам у град, за да бидам млад

 Вечер искачаш у град, за да изгледаш млад

 Со тебе искачам у град, за да бидам млад

 Со тебе искачам у град, за да останеш млад“

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни