Македонија од 17 до 19 април ќе се претстави со национален павилјон на „Мјуз-Екс Експо фестивал“ во Тирана, еден од поголемите културни настани во регионот. Во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, на фестивалот ќе учествуваат повеќе од 60 македонски уметници, продуценти, фестивали, филмски автори, занаетчии и претставници на креативните индустрии.
Од организаторите посочуваат дека ова учество треба да отвори нови можности за меѓународна соработка и поголема видливост на домашната културна сцена на регионално и европско ниво. Настапот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Свеченото отворање на 17 април ќе биде одбележано со 40-минутен сценско-визуелен перформанс на пијанистката Ема Попивода и Камерниот оркестар Профундис, во соработка со оркестарот на РТШ. Според најавата, проектот ќе ги спои класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност како вовед во македонското присуство на фестивалот.

Во рамки на саемскиот дел ќе се претстават и повеќе македонски културни и креативни организации, меѓу кои Авалон продукција, Пасворд продукција, Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Вардар Филм и „Скопје Вајнил конвеншн“. Планирани се инфо-дескови, но и директни средби со меѓународни партнери.
Посебен сегмент од програмата ќе биде „Артизан вилиџ“, каде ќе се претстави македонското традиционално занаетчиство, со охридски бисери, филигран, рачно ткаени килими, везови и современи уметнички инсталации. На свеченото отворање е најавено и специјално признание за Македонскиот културен центар во Тирана и за Министерството за култура и туризам поради придонесот во промоцијата на културата.
Директорката на Македонскиот културен центар во Тирана, Ема Попивода, вели дека учеството со национален павилјон и бројна делегација е потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија, а целта е преку програмата и вмрежувањето да се создадат конкретни можности за нови соработки и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии.
Фестивалот ќе се одржи во просторот на Пирамидата во Тирана и ќе понуди музичка програма, конференции, панел-дискусии, филмски проекции, експо-презентации и професионални средби. Во таков контекст, македонското учество се претставува како една од поголемите организирани презентации на домашната култура во регионот.
