Македонската песна повторно се слушна гласно во Италија, овојпат преку гласовите на учениците од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје, кои од „Светскиот куп на фолклор – Језоло 2026“ се вратија со дури 13 награди.
Под диригентската палка на маестро Вера Ангеловска, хорот и солистите на училиштето освоија прво место за хорска изведба, четири први места за солисти, четири втори и четири трети места. Ова е уште еден силен настап на младите македонски изведувачи на меѓународна сцена, а успехот доаѓа втора година по ред.
Учениците настапија со внимателно избрани композиции од македонскиот мелос, носејќи ја на сцената емоцијата, автентичноста и богатството на домашното музичко наследство. Нивните изведби биле наградени со овации, а стручното жири ја препознало не само техничката подготвеност, туку и енергијата која младите ја пренеле на италјанската сцена.
Зад оваа музичка приказна стои долгогодишната работа на маестро Вера Ангеловска, која со посветеност и љубов го гради хорот и им ја пренесува на учениците вредноста на традицијата, но и радоста од заедничкото пеење.
„Ова не е само успех, ова е доказ дека кога се вложува љубов, резултатите се неминовни“, велат од тимот.
Фестивалот во Језоло е дел од Системот на фолклорни шампионати на Европската асоцијација на фолклорни фестивали и има ранг на меѓународен шампионат. На него се натпреваруваат изведувачи во фолклорни танци и вокални изведби, со цел промоција и зачувување на културното наследство.
Со 13 освоени признанија, учениците од „Кузман Јосифовски – Питу“ уште еднаш покажаа дека песната не е само училишна активност, туку културен глас што може да ја освои и меѓународната сцена.