Македонија во среда ќе се прости од Владо Јаневски, еден од најзначајните музички автори и изведувачи на македонската сцена.
Семејството на Јаневски ги објави деталите за последното испраќање, а информацијата до јавноста ја пренесе „Авалон“ продукција.
Од продукцијата соопштија дека известувањето го добиле од семејството на починатиот пејач и кантавтор и дека, по нивно барање, го споделуваат со јавноста.
„Сите кои ќе сакаат да се збогуваат со Владо за последен пат, ќе можат тоа да го направат во капелата на Градските гробишта во Бутел на 1 јули од 10 до 11 часот. Погребот ќе следи веднаш потоа, на гробиштата во Бутел. Има нешто посилно од сѐ“, информираа од „Авалон“.
Песни што остануваат дел од македонската музичка историја
Владо Јаневски почина вчера во Скопје, по кусо боледување.
Зад себе остави богата музичка кариера и песни кои со години се дел од македонската музичка сцена и од колективната музичка меморија.
Меѓу неговите најпознати хитови се „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Јаневски беше првиот македонски претставник на Изборот за песна на Евровизија во 1998 година со песната „Не зори зоро“.
Во текот на кариерата доби бројни признанија, меѓу кои и наградата за трајни музички вредности на годинашното издание на „Златна бубамара на популарноста“.
Последниот голем концерт го одржа на 14 февруари
Неговиот последен голем концерт се одржа на 14 февруари во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде настапи заедно со Момчило Бајагиќ – Бајага, во организација на „Авалон“ продукција.
Последните години од животот Владо Јаневски живееше во Гевгелија, но неговото музичко наследство ќе остане трајно врежано во македонската култура.