Македонија и Србија денеска, 27 август, ќе го потпишат договорот за реализација на интерконективниот гасовод меѓу двете земји, соопшти Владата. На официјалниот почеток на имплементацијата на проектот ќе присуствува премиерот Христијан Мицкоски.
Новиот интерконектор треба да ја поврзе македонската гасоводна мрежа со српскиот национален гасовод, со што ќе се создаде нова рута за транспорт на природен гас кон Србија и Централна Европа. Проектот е дел од пошироката стратегија за поврзување на Северна Македонија со гасниот коридор преку Грција. Според најавите, Македонија треба да биде поврзана со терминалот за течен природен гас (LNG) во Александрополис на почетокот на 2028 година.
Мицкоски претходно изјави дека преку оваа инфраструктура се отвора можност гасот од Александрополис да продолжи преку Македонија и Србија кон Централна Европа, вклучително и кон Унгарија и Австрија.Според неговите изјави, планираниот капацитет на северниот интерконектор би бил меѓу три и шест милијарди кубни метри годишно.
Владата проектот го претставува како важен чекор за диверзификација на изворите и транспортните правци на природен гас во регионот, како и за зајакнување на енергетската поврзаност меѓу Северна Македонија, Србија и земјите од Европската Унија.