Македонија добива планинарска рута од 2.070 километри: „Sammiana“ ќе ја поврзе земјата во една бесконечна трансверзала

Новата кружна пешачко-планинарска патека ќе поврзе природни, историски и културни локалитети низ земјата и ќе биде наменета за рекреативци, планинари и спортисти.
Foto: Europe House

Македонија полека добива проект кој по својата амбиција и размери може да се спореди со најпознатите светски планинарски рути. Станува збор за Македонската бесконечна трансверзала, позната и како „Sammiana“ – кружна пешачко-планинарска патека долга 2.070 километри.

Проектот има за цел да ја поврзе земјата во една целина, преку непрекината рута што минува низ бројни природни убавини, историски локалитети, културни знаменитости и помалку познати предели кои ретко се наоѓаат на класичните туристички мапи.

Зад иницијативата стојат ентузијасти, планинари и повеќе здруженија, кои работат на создавање патека што ќе биде достапна и за рекреативци и за поискусни спортисти. Идејата е „Sammiana“ да стане нов начин за откривање на природното и културното богатство на Македонија, но и платформа за развој на активниот туризам.

Во моментов се маркираат различни секции од Македонската бесконечна трансверзала. За патеката се подготвуваат податоци, точки на интерес и комплетен GPS запис, со што таа ќе биде полесно достапна за сите љубители на планината и природата.

Со должина од 2.070 километри, „Sammiana“ има потенцијал да стане еден од најзначајните планинарски проекти во земјата и нова причина Македонија да се доживее пеш, чекор по чекор.

Извор: Europe House

е-Трн да боцка во твојот инбокс