Филмски автори на „МакеДокс“ предупредија за падот на критиката и влијанието на пазарот

Европски режисери и теоретичари на мастеркласите во Скопје отворија дебата за автентичниот документарен израз и замената на критиката со маркетинг-пропаганда.

Мастеркласот со наслов „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес се одржа на 24 август. Нивните филмови „Амилкар“ на Мигел Еек и краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес беа прикажани на 21 август, на отворањето на програмата Земја во фокус – Шпанија. Нивниот мастерклас беше замислен како вкрстено претставување на двајцата автори.

Мигел Еек е филмски автор роден во Мадрид во 1982 година. Растел помеѓу Мајорка, Стокхолм и Барселона, каде што дипломирал документарна режија на Филмската и аудиовизуелна школа на Каталонија (ESCAC). Во 2008 година ја основал продукциската куќа „Мозаик“, специјализирана за документарен филм, преку која ги продуцира своите филмови, како и делата на други автори.

На почетокот на мастеркласот зборуваше за својот филм „Амилкар“. Станува збор за остварување кое го прикажува легендарниот африкански антиколонијален револуционер Амилкар Кабрал како организатор и интелектуален водач на движење, чија визија ја разбиваат внатрешните борби за моќ и смислената субверзија, што на крајот кулминира со негово убиство. Мотивот за правење на филмот била личната фасцинација како од утопија може да се стигне до револуција. Тој појасни дека во филмот се употребени 50 проценти архивски материјали и 50 проценти вистински сведоштва и визуелизации. Зборуваше и за други свои филмови, како и за филм посветен на неговиот татко.

Ксавиер Марадес е документарен филмски автор од Каталонија. Авторскиот пристап во создавањето филмови му е личен и непосреден, заснован на долгорочни односи со луѓето и местата што ги снима. Неговите филмови ги истражуваат темите на сеќавањето, припадноста и пресекот меѓу личното искуство и колективната историја. Живее и работи во рурална Каталонија, а неговото творештво е обликувано и од годините поминати во Њујорк, како и од подолгите престои во Баија (Бразил). Иако досега претежно работел на краткометражни документарни филмови, во моментов развива долгометражен документарец во Баија, Бразил.

Во однос на своето творештво Марадес објасни дека не сака да снима филмови со карактери, туку неговиот пристап е поетичен и врз основа на зборови креира слики и визуелизации. Во неговите филмови често се појавуваат птици. Во креацијата на филмската нарација често ги снима нештата што го опкружуваат и на тој начин креативно се изразува себеси.

Мастеркласот со Алесандро Стелино со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“ се одржа на 25 август. Алесандро Стелино (1973) е филмски теоретичар, селектор и предавач. Соработувал со бројни италијански филмски списанија, а во 2011 година го основал онлајн кварталникот filmidee, посветен на „новата синефилија“ и киното во дигиталната ера.

Бил член на селекциската комисија на „Филммејкер фестивал“ (Filmmaker Festival) во Милано, а од 2016 година е уметнички директор на „ИсРијал“ – Фестивал на филмот на реалноста (IsReal – Festival di Cinema del Reale) во Нуоро, фестивал на документарен филм посветен на етнографскиот филм и визуелната антропологија. Во 2020 година е именуван за уметнички директор на „Фестивал деи пополи“ (Festival dei Popoli) во Фиренца, најстариот фестивал на документарен филм во Европа, основан во 1959 година. Предава и на CISA Локарно и на Граѓанската филмска школа – „Лучино Висконти“ (Civica Scuola di Cinema – Luchino Visconti) во Милано.

Неговиот мастерклас беше темелно подготвен и исклучително интензивен. Во помалку од два часа успеа да истакне цитати од многубројни филмски автори и критичари. До тезата од насловот на мастеркласот стигна преку историски преглед на повеќе филмски генерации и значењето на филмот и филмската критика во минатите времиња.

Во однос на дилемата кој може да биде филмски критичар без двоумење рече дека тоа може да биде само човек што гледал многу филмови и што прочитал уште повеќе филмски критики, притоа откажувајќи се од многу други секојдневни работи. „Филмската критика не постои за да го објасни филмот, туку за да поттикне интелектуална и морална расправа“, рече Стелино.

Во историскиот преглед тој посочи дека до 80-тите години на минатиот век филмската критика и публиката главно биле на истата линија, а се одвојуваат во 90-тите години, кога почнуваат да се одделуваат уметничкото и комерцијалното кино. Во однос на појавата на блокбастерите, тој рече дека „блокбастерите водат кон инфантилизација на публиката“.

Во однос на новите времиња тој рече дека филмската критика постои, но прашањето е колку таа е релевантна и потребна, бидејќи новиот милениум донесе глобално кино и нова генерација филмски автори, додавајќи дека во последните години ретко се зборува за филмот, туку за филмскиот маркет. Оттаму се појавува идејата за филмска критика како пропаганда која се шири преку инфлуенсерите, кои, пак, често се платени од маркетинг-кампањите на дистрибутерите на филмови.

– Вистинските филмски критичари секогаш треба да ја бараат сликата што досега не ја виделе, опстојувајќи секогаш на границата на високиот брег во потрага по нови хоризонти – рече Алесандро Стелино.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс