Мајли Сајрус доби ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд

Поп-ѕвездата ја доби 2.845-та ѕвезда на Hollywood Walk of Fame, а церемонијата ја одбележаа емотивен говор, семејна поддршка и моден омаж на нејзината кариера

Американската пејачка и актерка Miley Cyrus официјално доби ѕвезда на славниот Hollywood Walk of Fame, со што беше одбележан еден од најзначајните моменти во нејзината повеќедецениска кариера.

Церемонијата се одржа на 22 мај во Лос Анџелес, каде Сајрус ја доби 2.845-та ѕвезда на Булеварот на славните во категоријата „Recording“. На настанот присуствуваа нејзината мајка Тиш Сајрус, сестрата Бренди Сајрус, свршеникот Макс Морандо, како и актерката Anya Taylor-Joy и модната дизајнерка Donatella Versace, кои одржаа говори во нејзина чест. 

Во својот емотивен говор, Сајрус изјави дека ова признание за неа претставува „симбол на посветеност, а не на натпреварување“, додавајќи дека нејзините обожаватели се „вистинските ѕвезди“ кои ѝ помогнале да ги оствари соништата. Таа се потсети и на детството, кога со својот татко шетала по Холивуд Булеварот без да замисли дека еден ден и самата ќе стане дел од таа историја. 

Настанот привлече внимание и поради модниот избор на пејачката. Сајрус носеше архивска креација на Atelier Versace од колекцијата есен 2015, фустан кој претходно го носеше манекенката Heidi Klum. Изданието беше дополнето со препознатливата руса фризура што многумина ја поврзаа со ерата на Hannah Montana.

Ѕвездата доаѓа во период кога Сајрус повторно е во центарот на музичката сцена по албумот „Something Beautiful“, на кој се наоѓа и песната „Walk of Fame“ – симболично објавена непосредно пред добивањето на признанието. 

Кариерата на Мајли Сајрус започна со огромниот успех на серијата „Hannah Montana“, по што се трансформираше во една од највлијателните поп-ѕвезди на својата генерација. Во изминатите години освои повеќе Grammy Awardsнагради и изгради препознатлив музички стил низ поп, рок и кантри сцената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс