Трагедија во Албанија: Мајка и две деца загинаа во пожар кај Скадар

Пожарот избувнал во кујната додека младата мајка подготвувала оброк, а противпожарните екипи пронашле експлодирана плинска боца и бензин.

Дваесет и четиригодишна жена и нејзините две деца на возраст од една и пол и три години загинаа во пожар што попладнево ја зафати нивната куќа во селото Домен, во близина на Скадар, северна Албанија. Според првичните информации од полицискиот увид, огнот брзо се проширил од кујната додека мајката готвела, не оставајќи им можност на жртвите да го напуштат објектот.

Семејството неодамна пристигнало од Германија, каде што живеело, за да престојува во нивниот поранешен дом сместен во планински предел. Сопругот и татко на децата во моментот на избувнувањето на пожарот не бил во куќата.

За време на увидот во целосно уништениот објект, истражните органи пронашле експлодирана плинска боца и канистер со бензин. Полицијата спроведува истрага за целосно разјаснување на причините и околностите што довеле до трагичниот настан.

Спасувачките екипи и противпожарната служба се соочиле со сериозни потешкотии поради непристапниот терен. Објектот се наоѓал на планински локалитет, на околу 30 минути пешачење од најблискиот автопат, поради што пожарникарите пристигнале кога куќата била целосно изгорена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс