Мај донесе рекордни горештини во Европа и нов климатски аларм

Мај 2026 година беше вториот најтопол месец мај на глобално ниво откако постојат мерења, соопшти европската служба за климатски промени „Коперникус“.

Европа во мај помина низ остар климатски пресврт. По период со температури под просекот, западниот дел на континентот беше погоден од еден од најсилните рани топлотни бранови досега регистрирани.

Топлотниот бран донесе нови температурни рекорди за мај во повеќе земји. Меѓу најпогодените беа Франција, Велика Британија, Ирска и Португалија.

Од „Коперникус“ предупредуваат дека Европа веќе подолго време се движи во јасен тренд на затоплување. Тоа значи почести, поинтензивни и сè порано појавени екстремни горештини.

Но, мај не беше екстремен само по температурите. Континентот забележа и големи разлики во врнежите. Западна, централна и источна Европа, вклучително Шпанија и Италија, имаа посуви услови од просекот, додека делови од Турција, Бугарија и Молдавија беа погодени од сериозни поплави.

На глобално ниво, мај 2026 го продолжи трендот на температури блиски до рекордните вредности, и во атмосферата и во океаните. Според Саманта Бурџес од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, светот останува во период на исклучително високи температури.

Извештајот регистрира и невообичаено високи температури на површината на морето во тропскиот дел на Пацификот. Условите се движат кон фаза на Ел Нињо, која во наредните месеци може да биде поврзана со поекстремни временски настани на глобално ниво.

Надвор од Европа, повлажни услови од просекот се забележани во делови од Северна Америка, Азија, западна Кина, Бразил, јужна Африка и големи делови од Австралија.

Посуво од вообичаеното било во централниот дел на САД, големи делови од Централна Азија, Мадагаскар, југозападна Австралија и поголемиот дел од Јужна Америка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс