Поп-иконата Мадона упати остри критики кон вештачката интелигенција и влијанието на алгоритмите врз современата уметност. Во интервју за Vogue Italia таа изјави дека потпирањето на AI е „целосна спротивност на создавањето уметност“, бидејќи ја потиснува оригиналноста и креативниот процес.
Според неа, некогаш уметниците се собирале заедно и твореле од искрена желба да создадат нешто ново, без да размислуваат за бројки и популарност. Денес, вели Мадона, музичката индустрија многу повеќе го вреднува бројот на следбеници на социјалните мрежи отколку самиот талент.
Осврнувајќи се на својата песна „Bring Your Love“, таа истакна дека никогаш не ја воделе топ-листите или бројот на стримови. Според неа, алгоритмите и вештачката интелигенција го намалуваат просторот за ризик, а токму ризикот е суштински дел од вистинската уметност.
Мадона откри дека за време на создавањето нова музика намерно се дистанцира од технологијата и социјалните мрежи. Инспирацијата, како што вели, ја пронаоѓа во мирот, природата и времето поминато со своите деца и коњите.
Ова не е првпат пејачката јавно да го критикува влијанието на модерната технологија. И претходно предупреди дека социјалните мрежи создаваат потреба луѓето постојано да го документираат својот живот, наместо вистински да се поврзат едни со други.