Мадона, Шакира и БТС ќе настапат на финалето на Светското првенство 2026

Мадона, Шакира и БТС ќе настапат на полувремето на финалето на Светското првенство 2026, прв ваков музички спектакл во историјата на Мундијалот.

ФИФА најави прв музички спектакл на полувреме во историјата на финалињата на Светското првенство, кој ќе се одржи на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси.

Мадона, Шакира и К-поп супергрупата БТС ќе бидат главните музички ѕвезди на полувремето на финалето на Светското фудбалско првенство 2026. Настапот ќе се одржи на 19 јули на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси и ќе биде прв ваков музички спектакл во историјата на финалињата на Мундијалот.

Целата продукција ќе ја осмисли Крис Мартин, фронтменот на „Колдплеј“. ФИФА го најавува настапот како момент што треба да ги спои музиката, фудбалот и глобалната поддршка за децата преку фондот „ФИФА Глобал ситизен едукејшн“, кој има цел да го подобри пристапот до образование и фудбал за деца низ светот.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, оцени дека полувремето на финалето ќе биде „историски момент“ за Светското првенство и шоу достојно за најголемиот спортски настан во светот. Настапот ќе биде емитуван глобално, а организаторите го опишуваат како спој на спорт, култура и цел.

Светското првенство во 2026 година ќе биде најголемо досега, со 48 репрезентации и 104 натпревари. Турнирот заеднички го организираат САД, Канада и Мексико, а ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули.

Оваа промена претставува нов чекор за ФИФА, бидејќи фудбалските финалиња традиционално немаат спектакли на полувреме во стилот на Супербол. Сличен формат беше тестиран на финалето на Светското клупско првенство, но ова ќе биде првпат таков концепт да се случи на финале на Светско првенство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс