Мадона се враќа на подиумот: „I Feel So Free“ е првото од Confessions II

Новата песна најавува летно враќање кон денс звукот што ја одбележа една нејзина ера

Мадона повторно влегува на денс-подимот со новата песна „I Feel So Free“, првото целосно објавено парче од нејзиниот претстоен албум Confessions II. Со ова издание, поп-иконата јасно сигнализира враќање кон клубскиот звук и енергијата што ја направија Confessions on a Dance Floor едно од нејзините најпрепознатливи изданија.

Песната прво беше премиерно пуштена на iHeartRadio’s Pride Radio, каде што се емитуваше ексклузивно, а интересот околу неа веднаш се засили меѓу фановите. Станува збор за динамична, брза денс-трака, која се потпира на хаус ритам и носи јасни референци кон клупската естетика од доцните 80-ти, но и кон звукот на Мадона од средината на 2000-тите.

Confessions 2 повторно ја обединува Мадона со продуцентот Stuart Price, кој беше клучен и за оригиналниот Confessions on a Dance Floor. Нивната соработка продолжи и во текот на турнејата The Celebration Tour, а во изминатиот период двајцата веќе навестуваа дека подготвуваат нов материјал. Сега тоа и официјално се потврдува со нов албум, кој треба да излезе на 3 јули.

Според најавите, албумот ќе содржи 16 песни, а ќе биде објавен и во повеќе формати, вклучувајќи винил изданија со континуиран микс. Тоа сугерира дека Мадона не се враќа само со нови песни, туку и со јасна идеја да ја оживее атмосферата на албум што се слуша како една целина, без прекини, како ноќно клупско патување.

Со „I Feel So Free“, Мадона не оди по патот на носталгијата само заради ефект. Наместо тоа, таа повторно го активира звукот со кој еднаш веќе ја освои поп-културата, но овојпат како уметница што добро знае како да ја претвори сопствената историја во ново, современо клубско поглавје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни