Шупет, познатата мачка на покојниот моден дизајнер Карл Лагерфелд, со години важеше за една од најбогатите домашни миленички во светот. По неговата смрт во 2019 година, бројни медиуми објавуваа дека таа ќе наследи значителен дел од неговото богатство, проценето на околу 178 милиони евра. Сепак, според најновите информации, тоа никогаш не се случило.
Грижата за синокооката бирманска мачка ја презела долгогодишната домаќинка на Лагерфелд, Франсоаз Какот, која неодамна изјави дека ниту таа ниту Шупет не добиле никакви средства од наследството за кое долго време се зборуваше во јавноста.
Какот открива дека морала да ангажира адвокати за да се обиде да ги заштити желбите на Лагерфелд и да обезбеди соодветна грижа за мачката. Таа додава дека работи дополнително за да ги покрие трошоците, но нагласува дека на Шупет не ѝ недостига ништо и дека е опкружена со љубов и внимание.
Шупет стана дел од животот на Карл Лагерфелд во 2011 година. Првично му припаѓала на моделот Батист Џијабикони, но дизајнерот толку многу се приврзал за неа што одлучил да ја задржи. Подоцна често зборуваше за својата необична поврзаност со миленичката, која со текот на времето стана вистинска ѕвезда на социјалните мрежи и модниот свет.