Лула го запре подемот на крајната десница во Латинска Америка

Социјалните мерки, масовната мобилизација на улиците и организирањето на поддржувачите на социјалните мрежи му помогнаа на Луис Инасио Лула да Силва да го надмине резултатот од првиот круг. Но, четвртиот претседателски мандат го очекуваат десничарски настроен Конгрес, силно движење на Болсонаро и притисок од администрацијата на Доналд Трамп.

Луис Инасио Лула да Силва победи на претседателските избори во Бразил со 51,79 отсто од важечките гласови, неочекувано пресвртувајќи го резултатот од првиот круг, во кој победи десничарскиот кандидат Флавио Болсонаро. Тоа е прв ваков пресврт меѓу двата круга на претседателски избори во Бразил. Во меѓувреме, Лула доби околу 10,4 милиони дополнителни гласови.

По поразот, Флавио Болсонаро најави дека ќе побара поништување на изборите. Следниот ден, неговата партија, Либералната партија (ПЛ), го призна изборниот резултат. Изборите во Бразил имаат значење и надвор од границите на земјата. Тие покажуваат дека подемот на крајната десница не е незапирлив и дека политичката мобилизација, социјалните политики и организирањето на граѓаните можат да влијаат врз изборниот исход.

Бразил испраќа предупредување до глобалната крајна десница

Резултатот претставува удар за влијанието на американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио во регионот. Тој е и личен политички пораз за Трамп, кој вложуваше политичка енергија и влијание без отворено да ја објави својата поддршка, но со цел семејството Болсонаро повторно да дојде на власт.

Победата на Лула може да се објасни со три подеднакво важни фактори. Првиот е пакетот социјални мерки: зголемување на средствата за програмата „Болса Фамилија“, клучна владина програма за парична поддршка на домаќинствата; најавување мерки во корист на самостојните микропретприемачи, кои сочинуваат речиси 70 отсто од активните бизниси во Бразил; и, пред сè, усвојување владина иницијатива за скратување на работната недела од шест на пет дена без намалување на платите, за време на кампањата меѓу двата изборни круга.

Во анкета спроведена четири дена пред гласањето, оваа законска иницијатива била најважната тема за изборот на гласачите, со 17 отсто. Следувале извештаите за вмешаност на судии од Врховниот федерален суд во корупцискиот случај поврзан со Банко Мастер (14 отсто), вмешаноста на политичари во истиот случај (13 отсто) и одлуката на владата на Лула да ја укине забраната за онлајн обложување, познато како „бетс“ (11 отсто).

Меѓу двата круга, рејтингот на владата на Лула се зголемил, особено меѓу гласачите со повисоки приходи, за шест процентни поени, и меѓу десничарските гласачи кои не се дел од болсонаризмото, за 12 процентни поени. Тоа се групи од кои Флавио црпел значителна поддршка. Во истиот период, стравот од враќање на семејството Болсонаро на власт го надминал стравот од повторен избор на Лула: 44 наспроти 42 отсто.

Улиците и дигиталната мобилизација ја сменија динамиката

Големиот пресврт во значителна мера бил поттикнат од масовната мобилизација на поддржувачите на Лула, и на улиците и на социјалните мрежи. Големи собири, организирани од студенти и други, претежно млади луѓе, изнесоа милиони граѓани на улиците и ја прекинаа затишјето што се чувствуваше во претходните недели. Најголемиот собир во поддршка на Лула се одржа во Сао Паоло на 24 октомври. Демонстрантите ја пееја бразилската химна за независноста, во порака што јасно алудираше на независноста на Бразил од интервенционистичката политика на Трамп.

Дел од обвинувањата за американско влијание беа насочени кон Мета, матичната компанија на Инстаграм, Фејсбук и Ватсап. За време на кампањата во вториот круг се засилија тврдењата дека компанијата им давала предност на Флавио Болсонаро и на други кандидати од крајната десница преку манипулирање со алгоритмите.

Мета ги отфрли обвинувањата за фаворизирање, наведувајќи технички проблеми. Сепак, интерни пораки објавени од весникот „Фоља де Сао Паоло“ покажале дека кампањата на Лула речиси 24 часа во октомври не можела да ги промовира своите објави. Како одговор на доминацијата на крајната десница во дигиталниот простор, еден од најзначајните потези во вториот круг беше создавањето на каналот „Армијата на Лула“ на Ватсап. Каналот, основан од федерален пратеник, за само неколку дена собрал повеќе од 10 милиони членови.

Неговата цел била да ја зголеми активноста на социјалните мрежи и органски да ја засили видливоста на профилите на кампањата на Лула и на неговите поддржувачи. Членовите биле нарекувани војници, со генерал и маршал Лула со што движењето го презело речникот на самата крајна десница.

Каналот успеал да ги наметне темите важни за левицата и да привлече внимание кон низа скандали поврзани со Флавио, вклучително и полициски истраги и противречности во неговите предлози. Мобилизацијата на улиците и на социјалните мрежи повторно ја разгорела поддршката за Лула во размери ретко видени во земјата. Според авторките на анализата, овој пример покажува еден од начините на кои демократиите можат да му се спротивстават на подемот на крајната десница.

Кој му го донесе четвртиот мандат на Лула?

Бидејќи префрлањето гласови од противникот кон Лула било исклучително тешко поради високото ниво на одбивање на неговата кандидатура, стратегијата на кампањата била да ги мобилизира граѓаните што не гласале во првиот круг.

Веднаш по првиот круг, оваа цел изгледала речиси недостижна. Излезноста традиционално останува релативно стабилна, а воздржувањето од гласање е почесто во посиромашните области, често оддалечени од гласачките места, што му оди во прилог на политичкиот противник на Лула. За да победи, Лула морал да ја намали изборната апатија и да ја зголеми излезноста токму во тие области. Кампањата успеала да привлече три милиони дополнителни гласачи, со што стапката на воздржување паднала на 19,2 отсто — најниско ниво во последните 20 години.

Дополнителни 1,8 милиони граѓани, кои три недели претходно оставиле празни или неважечки ливчиња, во вториот круг решиле да изберат кандидат. И тоа претставува значителен пресврт. Празните и неважечките гласови паднале на три отсто од вкупниот број гласови, наспроти речиси 10 отсто во 2018 година.

Од дополнителните важечки гласови што ги добиле двајцата кандидати меѓу двата круга, дури 74 отсто отишле кај Лула. Тоа го објаснува обемот на промената.

На географски план, добивките на Лула не биле концентрирани во една област. Тој победил во 51,6 отсто од општините во земјата. Во пет од 26-те сојузни држави, како и во Федералниот округ, освоил најмалку седум процентни поени повеќе отколку во првиот круг. Југоисточниот регион придонел со речиси половина од новите гласачи што се приклучиле на неговата поддршка.

Сепак, профилот на гласачите на Лула и на Болсонаро во голема мера останал ист. Од 2018 година во Бразил се зацврстуваат нови модели на политичко определување, а овие избори дополнително ги потврдиле.

Евангелистите се еден од најјасните примери. Нивното специфично гласачко однесување постоело и пред Болсонаро, но од 2018 година сè повеќе се поврзува со евангелистичката христијанска реторика на болсонаризмото. Меѓу оваа група, 60 отсто пред вториот круг изјавиле дека ќе гласаат за Болсонаро.

Родот е уште еден важен фактор во поддршката за крајната десница во Бразил. Значителен јаз меѓу жените и мажите се појавил во 2018 година, поттикнат од мизогината реторика на Жаир Болсонаро, и оттогаш се задржал на околу девет процентни поени. Анкетите во 2026 година покажуваат слична разлика.

Во моментов, стапката на отфрлање на Флавио Болсонаро меѓу жените изнесува 58 отсто. Во последните денови пред гласањето, Лула ја зголемил и поддршката меѓу гласачите со ниски приходи и пониско ниво на образование. Сепак, сè уште е рано да се процени дали неговата коалиција ќе успее да ги задржи новите гласачи и во иднина.

Што го очекува Бразил во следните четири години?

И покрај победата на Лула, крајната десница ќе остане силна опозициска сила. За да владее, претседателот ќе мора да обезбеди поддршка од десничарските партии. Бразилскиот политички систем е заснован врз коалиции, но нивното создавање веќе беше предизвик за Лула, претседател од левиот центар, во текот на актуелниот мандат. Со Конгрес што дополнително се придвижил надесно, преговорите ќе бидат уште потешки.

Лула победи со предност од 3,6 процентни поени пред Флавио Болсонаро речиси двојно поголема од разликата со која го победи Жаир Болсонаро во 2022 година. Ова може да му даде посилна јавна поддршка на почетокот на четвртиот мандат, но не ги отстранува политичките пречки.

Веројатно ќе продолжи и притисокот од администрацијата на Трамп. Политиката на американскиот претседател, кој ги третира двете Америки како сфера на влијание на САД, стана поексплицитна кон крајот на 2025 година и беше формализирана во она што е наречено „Трампов королар“. Ден по изборите, Трамп изјави дека изборите изгледале наместени, но истовремено рече дека има добри односи со Лула. Марко Рубио, пак, изјави дека гледа знаци на изборна измама во Бразил.

По гласањето, земјата будно следеше дали крајната десница ќе се обиде да предизвика антидемократска реакција, особено по обидот за државен удар во јануари 2023 година. Сепак, се очекува политичката одмазда да се одвива првенствено во Конгресот. За болсонаризмото, главниот предизвик е да ја задржи поддршката од десничарските и десноцентристичките партии што досега ја поддржуваа кампањата и семејството Болсонаро.

Семејството сега е под силен притисок. Жаир Болсонаро е во затвор, Едуардо Болсонаро е бегалец во Соединетите Американски Држави, а Флавио е под кривична истрага. Сите тие се соочуваат со предизвикот да го зачуваат огромниот изборен капитал што го изградија.

Клучното прашање е дали болсонаризмото, кое привлече поддршка од речиси половина од населението, може да опстане без членовите на семејството што го предводеа.


Победата на Лула покажува дека социјалните политики и организираната граѓанска мобилизација можат да го променат изборниот исход. Но, дали тој успех ќе се претвори во долгорочно политичко зацврстување на левицата ќе зависи од способноста на Лула да управува со десничарски настроен Конгрес, да ги задржи новите гласачи и да се справи со притисоците од домашната опозиција и Вашингтон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс