Луксембург со најбрз раст на бројот на милионери во Европа

Луксембург минатата година забележа најбрз раст на бројот на милионери во Европа, покажува најновиот World Wealth Report на компанијата Capgemini. Според извештајот, бројот на лица кои поседуваат повеќе од еден милион долари средства достапни за инвестирање се зголемил за 13,5 проценти.

Во пресметките не е вклучена вредноста на недвижноста во која живее сопственикот, туку само имотот што може да се инвестира. Со овој резултат Луксембург ја надмина Германија, каде растот изнесувал 11,1 процент, додека Франција забележала значително поскромен пораст од 2,7 проценти.

На ниво на Европа, бројот на милионери се зголемил за 6,5 проценти по претходниот пад. Аналитичарите посочуваат дека главен двигател на растот биле позитивните движења на берзите, особено акциите поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Глобално, бројот на лица со инвестициско богатство над еден милион долари достигнал 25,3 милиони, а нивното вкупно богатство пораснало на рекордни 98,3 билиони долари. Извештајот покажува и висока концентрација на богатството, при што најбогатиот еден процент поседува речиси 35 проценти од вкупното богатство на оваа група.

Најголем регионален раст е забележан во Азија и Пацификот со 9,4 проценти, додека Северна Америка бележи раст од 9,1 процент, предводен од САД. Блискиот Исток е единствениот регион каде е регистриран пад, што се поврзува со пониските цени на нафтата.

Зголемување има и кај ултрабогатите лица. Бројот на луѓе со имот вреден најмалку 30 милиони долари пораснал за 9,4 проценти и достигнал околу 250.000 лица ширум светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс