Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ не го криеше разочарувањето по поразот од Португалија, но и незадоволството од дел од судиските одлуки на натпреварот.
Модриќ оцени дека Хрватска одиграла слаб прв дел, но дека во второто полувреме покажала карактер и квалитет.
„Можеме да го гледаме натпреварот на два дела. Во првото полувреме не бевме во најдобра форма, бевме доста повлечени, но во второто полувреме одигравме навистина феноменален натпревар. Еден од нашите подобри натпревари. Можевме да го завршиме порано, но едноставно не успеавме. Заслужувавме повеќе“, изјави Модриќ.
Спорен поништен гол на Гвардиол
Модриќ се осврна и на поништениот гол на Јошко Гвардиол, кој не беше признат поради офсајд.
Според него, спорна е проценката дека Матановиќ ја допрел топката.
„Судијата рече дека Матановиќ ја допрел топката, но ги гледавме снимките и видеата. Никаде не се гледа дека ја допира топката. Според мене, ако не ја допрел топката, немало офсајд“, рече Модриќ.
Критики за VAR
Капитенот на Хрватска упати критики и кон користењето на VAR, оценувајќи дека технологијата треба да се активира само при очигледни грешки.
„Кога беше воведен VAR, реков дека не ми се допаѓа. Подоцна беше добар за некои работи, но мислам дека се користи погрешно или селективно. Според мене, VAR треба да се активира ако има грешка од 200 проценти, но не и кога е во сива зона“, изјави тој.
Модриќ додаде дека ваквите одлуки особено болат бидејќи можат да ја одредат судбината на еден натпревар.
„Солзите покажуваат колку ни значи Хрватска“
По натпреварот, дел од хрватските репрезентативци не можеа да ги сокријат солзите.
Модриќ рече дека тоа најдобро покажува колку играчите ја доживуваат репрезентацијата и колку им значи успехот со националниот дрес.
„Тоа е показател за емоциите, колку ни значи Хрватска, колку живееме за секој натпревар и за секоја победа. Кога губите, особено на големи натпреварувања, не е лесно да се воздржат емоциите“, рече Модриќ.
„Можеме да бидеме горди“
И покрај поразот, Модриќ смета дека Хрватска може да биде горда на начинот на кој се борела, особено во второто полувреме.
„Можеме да бидеме горди на тоа како игравме, како се боревме и како ја претставувавме Хрватска, особено во второто полувреме. Тоа е Хрватска што сите ја знаат и поради која сме почитувани и сакани во светот. Сега треба да се ресетираме“, порача тој.
Модриќ го спореди поразот со болниот пораз од Турција на Европското првенство во 2008 година, оценувајќи дека и овој момент ќе биде тежок за репрезентацијата.
„Сега е тешко, но тоа е фудбалот. Поразите и победите се составен дел од она што го правиме. Затоа фудбалот е толку интересен, затоа сите го сакаат, бидејќи носи толку многу емоции“, рече Модриќ.
Ќе продолжи ли во репрезентацијата?
На крајот, Модриќ беше прашан и за својата иднина во дресот на Хрватска.
„Не е време да се зборува за тоа. Наскоро ќе знаете сè“, кратко одговори капитенот.