Винарската визба „Тиквеш“ доби ново меѓународно признание за квалитетот и начинот на управување со своите лозови насади. Лозовиот насад Лепово се стекна со „Платинест статус на извонредност“ во годишната евалуација на Perleuve, спроведена од меѓународен експертски тим предводен од агрономот и истражувач Џовани Бигот.
Во конкуренција од повеќе од 2.200 мониторирани лозови насади од Италија и Медитеранот, ова признание за 2025 година го добија само 11 лозја. Со тоа, Лепово се позиционира меѓу најдобрите 0,25 отсто лозови насади во регионот.
Дополнително, лозовите насади на „Тиквеш“ во Барово, Бела Вода и Демир Капија добија „Златен статус на извонредност“, признание што им се доделува на околу 2,5 отсто од оценуваните лозја.
За „Тиквеш“, овие признанија се потврда дека квалитетот на виното започнува во лозјето. Врвните резултати, велат од компанијата, се постигнуваат преку долгорочна посветеност на развојот на лозовите насади, зачувување на уникатноста на тероарот и примена на современи научни и технолошки пристапи во лозарството.
Во изминатите години компанијата воспостави напреден систем за дигитално следење и управување со лозовите насади. Преку него континуирано се следат параметри поврзани со развојот на лозјата, климатските услови и квалитативниот потенцијал на грозјето, што овозможува развој на прецизно лозарство базирано на податоци.
Рангирањето се спроведува според Бигот индексот, научно заснован систем за проценка на квалитативниот потенцијал на лозовите насади. Ваквиот пристап овозможува објективна проценка на потенцијалот на лозјата за производство на врвно грозје и вина со изразен тероарен карактер.
„Ова признание е потврда за нашата определба дека врвните вина се создаваат преку врвно грозје, а врвното грозје се произведува само со длабоко разбирање на тероарот, континуирано следење на лозовите насади и носење одлуки базирани на податоци“, изјави Александра Ристова, раководител на секторот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“.
Според Ристова, лозарството денес се соочува со сериозни предизвици поврзани со климатските промени, поради што компанијата инвестира во истражување, дигитализација, анализа на податоци и современи методологии за управување со лозјата. Целта, како што вели, не е само производство на висококвалитетно грозје, туку и максимално истакнување на автентичноста на секој тероар.
Од „Тиквеш“ посочуваат дека успехот на нивните вина на меѓународните вински натпревари е директно поврзан со работата во лозјето. Зад секоја награда, велат, стојат знаење, професионалност, посветеност, континуирано учење и тимска работа на агрономите, енолозите, вработените во лозовите насади и партнер-лозарите.
Постигнатите резултати се дел од пошироката стратегија на „Тиквеш“ за унапредување на квалитетот преку поврзување на науката, иновациите, искуството и традицијата. Компанијата останува посветена на развој на одржливо и современо лозарство, со цел македонските тероари и вина уште посилно да се претстават на светската винска сцена.